Баварците моментно ги вршат последните дотерувања на идниот Gran Coupe од серијата 2. Претсериските примероци од купето со четири врати имаат вообичаена маскирна шара што ги прикрива вистинските форми на Gran Coupe. Тоа што ново го смислиле маркетиншките експерти се големите QR-кодови кои се наоѓаат на предните врати.
Секој што ќе го сретне возилото по патиштата околу Минхен или директно ќе го отчита кодот од објавените фотографии, продолжува на посебна интернет страница http://www.bmw.com/2-series-gran-coupe. На страницата ќе се дополнуваат информациите за новиот модел, чијашто премиера треба да се одржи во ноември, на салонот во Лос Анџелес. Првите испораки на купе-лимузината ќе следат во почетокот на следната година.
Врвен модел во серијата ќе биде M235i xDrive со дволитарски четирицилиндарец со 306 КС. Моделот стандардно поседува нова механичка блокада на диференцијал на предната оска, со којашто се обезбедува поголема возна динамика во свијоци.
















