Тркачки Ford GT што не смее да вози на трка и чини 1,2 милион долари

Ford GT Mk II
Ford GT Mk II

Ford разви посебна изведба на суперспортскиот GT, којашто ги прескокнува ограничувањата во правилниците за мотоспорт и има за цел да ја прикаже полната моќ на овој култен автомобил со вредна историја. Резултатот се 700 КС, четирипати поголем потисок и гаранција за 2g во свијоци. Серијата ќе се изработи во само 45 примероци.

Ford и специјалистот Multimatic го искористија Фестивалот на брзината во Гудвуд да претстават посебна изведба на суперспортскиот GT, со дополнителна ознака Mk II. Целта беше да се конструира изведба на GT, којашто ќе го прикаже целосниот потенцијал на автомобилот, но надвор од ограничувањата во мотоспортот. Во развојот, сепак влијаеа искуствата стекнати со Ford GT во многубројните тркачки серии.

Mk II ќе се изработи во само 45 примероци, со почетна цена од 1,2 милион долари

Екстремната изведба ќе се изработува во Онтарио/Канада, односно во истите погони од кадешто излегува и стандардниот Ford GT. Готовите примероци потоа ќе заминуваат во посебната фабрика на Multimatic Motosports, кадешто ќе се вршат соодетните преправки во „Mk II“.

https://photos.app.goo.gl/fWRGSPApP25zqciU9

Главното внимание е поставено на моторот и на аеродинамиката. Големиот заден спојлер, на пример, многу е поголем отколку што дозволуваат правилниците во мотоспортот. Преработени се предниот сплитер, дифузорот, крилата и отворите за воздух. Со овие промени, Ford GT Mk II постигнува околу 400% поголем потисок од стандардниот GT. Посебни зафати во подвозјето и тркачки гуми Michelin Pilot Sport GT овозможуваат вредности на страничното забрзување и над 2g.

Заштедени се повеќе од 90 килограми со отстранувањето на висинското дотерување на каросеријата и на системот за избор на режими за возење

Прескокнувајќи ги лимитите во правилниците, 3,5-литарскиот V6 EcoBoost во Ford GT постигнува 700 КС, односно 200 коњски сили повеќе од „легалната“ тркачка верзија на автомобилот. Седумстепениот менувач со двојна спојка доби нова калибрација.

https://photos.app.goo.gl/kaFEedo2uecswAEh9

Моќноста на моторот е постигната со нова технологија на ладење, заедно со поголем интеркулер, со ладење преку прскање вода. Ова прскање се вклучува автоматски при висока надворешна температура, за да се гарантира иста моќност и при висока жега.

Промените во кабината се сведуваат на седиште Sparco со тркачки ремен со 6 точки и дисплеј за телеметрискиот систем, кој воедно служи и за прикажување на сликата од камерата за рикверц.

 

Претходна објаваDaimler ќе соработува со BMW во автопилотираното возење
Следна објаваАвтоматски менувачи на ZF дел од дизел скандалот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here