Audi S8 со 571 КС, управување на сите тркала и подвозје што „гледа“

Audi S8
Audi S8

Спортската изведба S8 ја крунисува понудата во гамата на знаменосецот на Audi. Четирилитарскиот V8 со битурбо натполнење ослободува 571 КС и постигнува вртежен момент од 800 њутнметри. Благ хибрид со 48-волтна мрежа и стартер-алтернатор ја намалува потрошувачката на гориво за осум децилитри на сто километри. Натамошна заштеда се постигнува со исклучување на дел од цилиндрите при ниско оптоварување на моторот.

Стандардно се вградува активно подвозје со пневматска амортизација, познато од Audi A8. Со помош на електромеханички активатори, системот може секое тркало одделно да го подигне или спушти. На тој начин се регулира положбата на каросеријата и се спречува „потонување“ или подигнување на носот при силно сопирање или забрзување.

https://photos.app.goo.gl/bcu42rKaKnysn5Rp8

Благодарение на предната камера што ги препознава поголемите нерамнини на патот, подвозјето се подготвува да реагира уште пред тркалата да прегазат преку нерамината. Новитет е функцијата „комфор +“, во којашто се дозволува страничното наведнување на каросеријата во свијоци да достигне најмногу 3 степени, со што динамичното возење станува попријатно за патниците.

Кога ќе се повлече рачката на вратата, каросеријата се подигнува за 50 милиметри, заради полесен пристап

Динамичното управување на сите тркала соодветно го приспособува аголот на вртење на тркалата на предната и на задната оска. Спортскиот диференцијал во брзи свијоци активно го распределува вртежниот момент меѓу задните тркала. Со доплата се вградуваат спортски сопирачки, со карбон-керамички дискови.

https://photos.app.goo.gl/wGW2EKVdUtJNB39D8

За лимузината долга 5,17 метри може да се избираат бандажи со пречник до 21 инчи. Умерено динамични детали во предниот браник, во страничните прагови и во куќиштето на ретровизорите го нагласуваат спортскиот карактер на автомобилот, заедно со препознатливите двојни издувни цевки за S-моделите на Audi, по една од секоја страна.

https://photos.app.goo.gl/ZbGoHfK1ZXY4FPYB6

Импресивна е понудата од вкупно 38 системи за асистенција, кои се поделени во два пакети. Приспособливиот автопилот е главен во пакетот „Tour“, кој вклучува темпомат, самостојно поаѓање и забрзување при возење во колона, како и систем за следење лента. Вториот пакет содржи системи за подобрување на безбедноста при градско возење. Посебна функција има активното подвозје, коешто при опасност од незгода за миг ја подигнува каросеријата за осум сантиметри. На тој начин, заштитните каросериски структури доаѓаат во подобра положба за апсорбирање на енергиајата на судирот.

https://photos.app.goo.gl/BD8Hbh2H4jN8f87K6

Audi првпат ќе го нуди S8 на пазарите во Кина, САД, Канада и Јужна Кореја, кадешто спортската лимузина ќе се испорачува само во продолжена изведба

Инструментите се целосно дигитални, со два различни прикази. Во едниот се прикажуваат два кружни инструменти во класичен стил, додека во другиот приказ, главно се гледа навигациската карта. Проекциски дисплеј се вградува како дополнителна опрема. Истото важи и за говорните услуги на Амазон Алекса. Престижниот и брз Audi S8 комуницира и со семафорите, за возачот да ја приспособи брзината со вклучувањето на зеленото светло, со помош на бројачот што се покажува во инструментите.

Цените ќе бидат објавени наскоро, Audi стартува со нарачки наесен.

Претходна објаваЕлектричната Honda прави возењето во град да биде уживање
Следна објаваШвајцарија првпат со повеќе од 10.000 хибриди за едно полугодие

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here