Унгарската престолнина е 31-от град во светот кадешто е достапна услугата на Share Now. Стотици автомобили се наоѓаат на територијата на Будимпешта, се лоцираат и отклучуваат со мобилна апликација, по користењето се оставаат, наплатата е по минута.
Жителите и туристите во Будимпешта, сите што имаат потреба од брз и современ превоз, без вообичаената рутина на јавниот превоз, отсега имаат на располагање 240 возила BMW и Mini. Станува збор за услугата car-sharing, којашто партнерите BMW и Daimler ја нудат под името Share Now и којашто наидува на растечка популарност ширум светот.
Будимпешта е појдовна точка, од кадешто услугата треба да се шири во источноевропскиот регион. Локалниот партнер што ја презема франшизата за користење на Share Now во унгарскиот град е групацијата Wallis. Ова е четврти град во којшто Share Now работи по принцип на франшиза, место да отвора сопствен огранок. Истиот принцип се применува и во Лисабон, Копенхаген и Хелсинки.
Ова е значаен чекор, откако пред два месеци се здружија паралелните системи за „car-sharing“ на Daimler (Car2go) и BMW (Drive Now) во заедничката компанија Share Now.
Јавниот возен парк или кусо „car sharing“ ги смалува загаденоста на воздухот, сообраќајниот интензитет и бучавата
Возниот парк во Будимпешта се состои од осум различни модели на BMW и Mini, вклучувајќи и 40 примероци од електричниот BMW i3. Во светски рамки, Share Now е присутен во 30 градови во 14 држави и има повеќе од 4 милиони регистрирани корисници. Возниот парк брои повеќе од 20.000 возила ширум светот, од кои 3.200 се на струја. Последни две нови локации беа Париз во јануари годинава и Чикаго, во минатото лето.
















