Откако Skoda Kodiaq ја доби спортската ознака RS, заедно со спортската „содржина“, сега следи изведбата за порелаксираните возачи. Во верзијата со иниџијалите на основачите Лорин и Клемент, Kodiaq L&K лесно достига 50.000 евра. Само малку опции остануваат за доопремување
Skoda ја збогати моделската понуда во семејството на големиот теренец Kodiaq со врвно опремената верзија L&K, означена според иницијалите на основачите Лорин и Клемент. Изборот од мотори стартува со 1,5 TSI со 150 КС и автоматско исклучување цилиндри и завршува со топ-дизелот 2.0 TDI со 190 КС. Сите изведби, освен дизелот со 150 КС, стандардно располагаат со седумстепен менувач со двојна спојка DSG.
Тоа што посебно ги издвојува традиционалните модели Laurin & Klement е опремата. Kodiaq доаѓа стандардно опремен со диодни светла со адаптивна функција, камери за преглед во 360 степени и прогресивно управување. Ценовникот за германскиот пазар стартува од 40.090 евра за бензинецот.
Само избрани материјали за „историската“ верзија на Skoda Kodiaq
Во престижниот пакет опрема спаѓаат уште алу-бандажи од 19 инчи, елоксирани кровни шини, затемнети задни стакла и диодни задни светла со изглед на кристал. Внатрешноста пречекува со специјален кожен пакет L&K во црна или беж боја, диодно амбиентално осветлување и украсни панели во сјајна црна боја, исто така единствени за верзиите L&K.
Двозонска автоматска клима се подразбира, исто како и греење и електрично местење на предните седишта, вклучувајќи меморија. Електромотори помагаат и при ракувањето со задниот капак. Аудиофилско озвучување со девет звучници, сабвуфер и дигитална еквилизација од Canton е вклучено во пакетот, заедно со инфо-забавен систем Bolero, со дисплеј од 8 инчи и говорни команди. SmartLink овозможува универзално поврзување со Android Auto и Apple CarPlay. На располагање стои и индуктивно полнење телефон.
Системите за асистенција во меѓувреме се одомаќија во сите класи и сегменти, а и возачите ги сакаат – барем дел од нив. Skoda Kodiaq L&K поседува систем за следење лента, следење на мртвите агли, помош при излегување од паркинг, приспособлив темпомат до 160 km/h, самостојно запирање и поаѓање во колона, спомнатиот систем камери за 360 степени и паркинг сензори напред и назад.
SKODA KODIAQ L&K – мотори и цени (германски пазар)
1,5 TSI ACT DSG 110 kW (150 КС) 7-степен-DSG 40.090 EUR
1,5 TSI ACT 4×4 DSG 110 kW (150 КС) 7-степен-DSG 42.090 EUR
2,0 TDI SCR DSG 110 kW (150 КС) 7-степен-DSG 42.590 EUR
2,0 TDI SCR 4×4 110 kW (150 КС) 6-степен, ман. 42.790 EUR
2,0 TDI SCR 4×4 DSG 110 kW (150 КС) 7-степен-DSG 44.590 EUR
2,0 TDI SCR 4×4 DSG 140 kW (190 КС) 7-степен-DSG 45.990 EUR





















