Consumer Reports ја скуси оцената на моделите на Tesla

Влијателниот американски магазин за заштита на правата на потрошувачите ја намали оцената на возилата на Tesla поради отсуството на ветениот систем за самостојно запирање при опасност од судир.

Магазинот Consumer Reports ја намали крајната оцена на сериите Model S и Model X на калифорнискиот електроспецијалист Tesla за два бода, поради тоа што производителот уште го нема вградено автоматскиот систем за запирање при опасност од судир, спротивно од првичните најави. Оваа важна ставка од безбедносната опрема требаше да се вградува во обата модела уште од крајот на минатата година.

Поради одземените два бода, Model S го изгуби врвното место меѓу луксузните лимузини, додека Model X се најде речиси на опашот од табелата меѓу премиум теренците со средна големина.

Tesla веќе реагираше на лошите оцени од магазинот за заштита на правата на потрошувачите во САД. Од 27-ми мај ќе започне вградувањето на автоматскиот систем за запирање. Потребниот софтвер ќе се вчита без потреба од посета на сервисна работилница, преку интернет мрежата. Consumer Reports потоа ќе ја коригира оцената.

Автоматските сопирачки беа дел од првата верзија на автопилотот на Tesla. Но, производителот на електрични возила во октомври воведе нов софтвер за сите свои модели, којшто повеќе не ја содржеше оваа функција. Consumer Reports забележува дека овој важен безбедносен систем веќе е дел од стандардната опрема во многу поевтини автомобили од Tesla.

Претходна објаваAuto Bild: Наследникот на Skoda Yeti се вика Karoq и пристига веќе годинава
Следна објаваСтартува производството на новиот Volvo XC60

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here