Нова рекордна година за спортската марка од Сант Агата, шеста по ред. Лани Lamborghini им испорачал 3.457 возила на своите клиенти. Тоа е само вовед за претстојното воведување на теренецот Urus, којшто ќе донесе двојно зголемување на продажбата.
Шест години по ред расте продажбата на Lamborghini. Лани биле испорачани вкупно 3.457 возила од Сант Агата, за седум проценти повеќе отколку една година претходно. Суперспортската марка се движи сигурно да ја надмине бројката од една милијарда евра годишен промет, со лани остварените 906 милиони евра. Наскоро пристига третата моделска серија во понудата на Lamborghini, теренецот Urus. Порасна и бројот на вработени, на 1.415 лица.
Шефот Стефано Доменикали пред пристигањето на Urus ја најавува „најголемата експанзија во долгата историја на фирмата, проширување на понудата од модели, како и на развојните и производствени капацитети.“
Продажбата забележа раст во сите региони. Најголем пазар остануваат САД со 1.250 испорачани возила лани. Од моделите, најголема заслуга има Lamborghini Huracan, како најпродаван модел со мотор V10 во историјата на марката, со вкупно 2.353 испорачани примероци. Дванаесетцилиндарскиот Aventador постигнал 1.104 испораки, за околу 101 повеќе отколку преклани.
Lamborghini лани лансираше пет нови модели. По повод стогодишнината од роденденот на основачот Феручио Ламборгини беа претставени Centenario Coupe и Roadster, во ограничена серија. Специјални серии беа изработени и од Huracan Avio и Aventador Miura Homage, за 50-годишината на Miura, првиот модел со V12 на Lambo. Во ноември на салонот во Лос Анџелес беше претставена и верзијата на Huracan Spyder со погон назад, а пред завршетокот на годината пристигна и Aventador S.
Третиот модел во понудата, теренецот Urus, ќе стартува во почетокот од 2018 година. За таа цел, производствените капацитети се удвоени, на површина од 150.000 метри квадратни и на 7.000 возила годишно.
















