Откако го продолжи досегот на својот бестселер на батерии Zoe на 400 километри, Renault се препушти на малку забава. Два електромотора со вкупно 462 КС испорачуваат погон на двете оски, спринтот трае помалку од десет секунди – до 200 километри на час. Зад концептот Zoe e-Sport стои тригодишно искуство во формула Е и титула на најпродавана електро-марка во Европа.
Електричниот погон преоѓа во забава кај специјалистот Renault. Својот најпродаван автомобил на батерии, Французите го претворија во тркачкиот концепт Zoe e-Sport. Врската меѓу „обичниот“ Zoe и мотоспортот не е без темел. Три години Renault учествува во светското првенство во формула Е, со Renault-e.dams. Оттаму пристига и бојата на син сатен за каросеријата на Zoe e-Sport. Со батерии од 450 килограми и карбонска школка, е-тркачот тежи 1.400 килограми, но и забрзува за 3,2 секунди до темпо сто.
Покрај неколкуте стилски дотерувања, како предните светла во форма на C и големите логоа со заднинско осветлување, има и функционални детали, како врати што се отвораат преку сензори. Не отсуствуваат и заштитен кафез со панели од кевлар, школкасти седишта Recaro или волан со правоаглеста форма по пример на формула Е.
По пример на оваа тркачка серија, возачот на Zoe e-Sport може да ги менува моќноста и потрошувачката, како и распределбата на силата на сопирање. Најважното сепак е погонот, развиен од сопственото тркачко одделение и од Renault e.dams. Два идентични електромотора испорачуваат вкупно 462 КС и 640 њутнметри на обете оски, со по една батерија за секој мотор, со вкупен капацитет од 40 kWh.
Со оваа екстремна моќност одат и по две триаголни водилки на предната и задната оска, бандажи од 20 инчи и гуми со димензија 235/35, исто како и четиристепени амортизери Ohlins, исти како во Megane R.S 275 Trophy-R.
Крајниот резултат од сиве зафати е спринт до темпо сто за 3,2 секунди и крајна брзина од 210 km/h – којашто се постигнува за помалку од 10 секунди од место.
Во меѓувреме, продажбата на стандардниот Zoe бележи раст во продажбата од 50 проценти, откако Renault ја понуди изведбата со нормиран досег од 400, односно реален досег од 300 километри. Повеќе од 100.000 возила со погон на батерии се продадени под логото на Renault, секое четврто продадено возило со овој погон на европскиот пазар го носи ромбот на француската марка. Има повод Французите да се забавуваат со концепти како овој. Секако, не е се само забава.





















