Предизвикот не е во купувачите што ќе имаат најнеобични желби, туку во производителите што ќе ги исполнат тие желби. Rolls-Royce уште еднаш го докажува својот статус на водечки производител на луксузни автомобили. По специјална нарачка, во лакот на овој Ghost се вмешани парчиња од 1.000 здробени дијаманти.
Велат дека луксузот не познава граници. Гудвуд уште еднаш ја докажува важноста на ова тврдење. Специјалистите за исполнување на соништата на клиентите во Rolls-Royce изработија примерок од Ghost, чијашто каросерија е бојадисана со лак што содржи дијаманти. Илјада дијаманти се здробени за „Diamond Stardust“, за овој најлуксузен и најхрабро изведен лак во автомобилската историја. И најскап лак што е нанесен врз каросерија на Rolls-Royce.
Специјална постапка мораше да се развие за изработката на лакот. Два месеци во лабораторијата во Гудвуд се вршеа проби, како најдобро да се обезбеди сјајот кога дијамантите ќе се вмешаат во боја. Тимот експериментираше како различната големина на здробените дијаманти влијае врз пренесувањето и рефлектирањето на светлината, испробуваше различни густини, анализираше под микроскоп, проверуваше како се размачкува бојата и изнаоѓаше начини како дијамантите да не се чувствуваат при допир.
Следеше изработка на најситна дијамантска пудра, којашто потоа беше вмешана во бојата. Секако дека тоа бараше и изнаоѓање специјална постапка на лакирање и нанесување завршен слој за заштита на дијамантите при рачното полирање на каросеријата. Врвните мајстори во Гудвуд два дена рачно го нанесувале лакот врз горната половина од каросеријата и потрошиле уште еден ден за финиширањето.
На страниците на каросеријата се извлечени линии во „мугело“ црвена и црна боја, секако рачно, со четка изработена од влакна од верверица. Посебен печат е ставен и на бандажите од 21 инч, со круг исцртан во црвена боја. За крај, „Spirit of Ecstasy“ е поставен на осветлена основа.
Внатрешноста не заостанува во екстровертноста. Шоферскиот и патничкиот дел од кабината се јасно ограничени, како во најраните денови на автомобилизмот. Предните седишта се обложени со црна кожа, проследени со црвени акценти на вратите, додека за задната „софа“ е користена сива кожа, во комбинација со сив, црн и црвен тартан на вратите.
Овој Rolls-Royce Ghost Elegance ќе биде изложен на салонот во Женева, заедно со модната колекција на марката – за првпат на автомобилски салон, како и со примерок од ексклузивната серија Wraith Black Badge.




















