Кина ќе го произведува првиот електричен автомобил на Volkswagen

Групацијата Volkswagen планира во следната година да започне со производство на својот прв електричен автомобил во Кина, во партнерство со локален производител на автомобили, како што налагаат законите во азиската земја. Во следните месеци ќе се чека кинеската влада да даде одобрение за партнерството со JAC Motors.

Германскиот гигант Volkswagen и кинеската компанија Jianghuai во минатиот септември потпишаа договор за заеднички развој на електрични автомобили. Од следната година може да стартува производството на првиот електричен автомобил на Volkswagen во фабриките на кинескиот партнер, доколку владата во земјата ја одобри соработката на обете компании.

Од сите марки во групацијата Volkswagen лани на кинескиот пазар се продадоа близу четири милиони возила, со што групацијата е најголем странски производител на автомобили во земјата. Во бројните заеднички проекти што Volkswagen ги има остварено со локалните компании, за оваа година е предвидено да се инвестираат околу четири милиони евра.

Кина е најголем автомобилски пазар во светот и доби дополнителен поттик откако владата кон крајот на 2015 година го намали данокот за автомобили со мотор со работна зафатнина под 1,6 литар. Како резултат, продажбата лани забележа зголемување од 14 проценти. Годинава данокот за возилата со мотор до 1,6 литар се зголемува од пет на 7,5 проценти, за од 2018 година да се врати на првобитната стапка од десет проценти.

JAC Motors е меѓу десетте водечки производители на автомобили во Кина и моментно има во понуда два електрични модела, лимузинскиот iEV5S и теренецот iEV6S. За погон во теренецот служи електромотор од 85 киловати, кој во комбинација со литиум-јон батерии од 33 киловатчасови постигнува досег од 250 километри и крајна брзина ограничена на 130 километри на час.

Претходна објаваКако надлежните ќе го „оправдаат“ беспрекорно чистиот воздух утринава?
Следна објаваСедумдесет години од првиот пикап на Mitsubishi

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here