Овие пет аждери ја чекаат спортската изведба на Toyota Yaris

Toyota ја најави премиерата на спортската изведба на Yaris за март, на салонот во Женева. Од јапонската марка мудро ја подгреваат атмосферата со навестувањето дека малечкиот спортист ќе располага со повеќе од 210 КС. Конкуренцијата со којашто ќе се соочи Yaris воопшто не е наивна, таму има неколку големи имиња.

Двестотини коњски сили во автомобил од градската класа се вредност што ветува добра забава. Но, според тоа колку силно гризат овие мини тркачи, нивниот развој за производителите е сé друго освен забава. Ferrari 308 GTB во 1980-та година имаше само седум коњски сили повеќе од најсилниот претставник на актуелната генерација малечки спортисти и за тоа му беше потребен трилитарски V8 – и четири двогрли карбуратори. Денес работата ја завршува 1,6-литарски четирицилиндарец со турбонатполнење.

Toyota Yaris во спортска верзија пристига на салонот во Женева

Ако се исклучат премиум моделите во градската класа, како Mini John Cooper Works или Audi S1 quattro, обата со по 231 КС, кои чинат колку здрав спортски компакт и во тој поглед се сосема бесмислени, нормалните големоволуменски производители во моментов нудат десетина модели и моделски изведби што се движат околу звучната бројка „200“.

Најсилното спортско мини има само 7 КС помалку од Ferrari 308 GTB од 1980

Трката ја предводи Renault Clio R.S. Trophy EDC со 220 КС, веднаш по него следат Peugeot 208 GTi со 208 КС и Opel Corsa OPC со 207 КС, за петорката со мал заостаток да ја комплетираат Ford Fiesta ST200 и Volkswagen Polo со 192 КС. Во игра влегуваат и Seat Ibiza SC 1.9 TSI, како шпанска верзија на GTI, Renault Clio RS со 197 КС и Ford Fiesta ST со 182 КС.

„Веродостојна“ споредба: Ferrari 308 GTB со 227 КС и трилитарски V8 забрзуваше до сто за 6,1 секунди и постигнуваше 255 km/h во 1970-те години

sporedba sportski mini

Во март е сосема извесно дека врвот ќе ѝ припадне на уште неименуваната спортска верзија на Toyota Yaris, за којашто засега се знае само дека ќе располага со повеќе од 210 КС, според промислено штурата најава од јапонскиот производител. Toyota ја крунисува гамата на својот втор најмалечок модел со лута верзија, во знак на одбележувањето на стартот на Yaris WRC во светското првенство во рели и враќањето во највозбудливата гранка во мотоспортот по пауза од 17 години.

Во спортскиот Yaris ќе работи модифициран 1,6-литарски „глобален тркачки мотор“ (GRE) со најмалку 210 КС

Намерата на Toyota да ја продолжи традицијата на спортски модели со коишто се подржуваат хероите на тркачките патеки беше откриена уште на салонот во Франкфурт во 2013 година, со премиерата на концептот Yaris Hybrid-R. Овој тркачки монструм го донесе новиот 1,6-литарски „Global Race Engine“ со турбополнач од Garett со максимален притисок од 2,5 бари, со директно впрскување под 200 бари и моќност од 300 КС, развиен од специјалистите за мотоспорт на Toyota во Келн. Заедно со двата електромотора со по 60 КС за задните тркала, Hybrid-R располагаше со моќност од 420 КС.

Toyota ја најави спортската изведба на Yaris уште во 2013 година, со концептот Yaris Hybrid-R со хибриден погон со 420 КС 

Toyota Yaris Hybrid-R Concept

Дури и во дизајнот на идниот Yaris GR Sport, или којзнае каква ќе биде ознаката, препознатливи се детали од концептниот автомобил од 2013 година. Моторот останува, во припитомена верзија со преполовена моќност и веројатно десеткратно зголемена издржливост, но електромоторите за жал мора да отпаднат од планот, затоа што автомобилот сепак мора да остане во нормална ценовна рамка што ќе биде разумна за пазарот. И погонот на сите тркала ќе беше добар за забавата, особено со можноста за варијабилна испорака на вртежниот момент за секое тркало.

Спортските верзии не се нови во гамата на Yaris, ниту се заборавени. Во Европа моментно е поинтересна хибридната верзија на Yaris, но откако марката ќе почне повторно да вози по рели-патеките, веројатно ќе проработат тркачките гени кај познавачите и фановите на Toyota, па имиџот ќе разграни и кон релито.

Ова се лутите конкуренти што чекаат спортскиот Yaris да се намести на стартната линија во март.

Renault Clio R.S. Trophy EDC Peugeot 208 GTi Opel Corsa OPC Ford Fiesta ST 200 VW Polo GTI
Мотор 4 цил, директно впрскување, турбо 4 цил, директно впрскување, турбо 4 цил, турбо 4 цил, директно впрскување, турбо 4 цил, директно впрскување, турбо
Работна зафатнина [ccm] 1618 1598 1598 1596 1798
Моќност [KC/min] 220/6050 208/6000 207/5800 200/6000 192/4200
Вртежен момент [Nm/min] 280/1750 300/3000 245/1900 290/2500 320/1400
Пренос менувач со двојна спојка, 6 степени мануелен менувач, 6 степени мануелен менувач, 6 степени мануелен менувач, 6 степени мануелен менувач, 6 степени
Д х Ш х В [cm] 409 x 174 x 144 397 х 174 х 145 404 х 174 х 148 398 х 171 х 146 399 х 169 х 145
Меѓуоскино растојание [cm] 259 254 251 249 247
Багажник [L] 300/1146 285/1076 280/1090 290/974 280/952
Празно возило [kg] 1279 1235 1293 1163 1272
Носивост [kg] 432 415 377 412 438
Пневматици 205/40 R18 205/45 R17 215/45 R17 205/40 R17 215/40 R17
0-100 km/h [s] 6,6 6,5 6,8 6,7 6,7
Крајна брзина [km/h] 235 230 230 230 236
Просечна потрошувачка [L/100 km] 5,9 5,4 7,5 6,1 6,0
Резервоар [L] 45 50 45 42 45
Цена во Германија (во евра) 24.490 23.900 24.790 24.640 23.325

[FAG id=27034]

Претходна објаваMicra е првиот модел на Nissan произведен во фабрика на Renault
Следна објаваБританците имаат нова спортска марка: Avatar тежи само 700 килограми

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here