Компактниот кросовер на Mazda и главен конкурент на Nissan Juke се покажа како вистински погодок. Поради големата побарувачка за CX-3, јапонската марка отсега ќе го произведува овој модел и во фабриката Хофу во префектурата Јамагучи.
Производството на CX-3 започна во декември 2014 година во Ујина, главната фабрика на Mazda во Хирошима, а од октомври 2015 година компактниот кросовер излегува и од погоните на „авто-алијансата“ во Тајланд. Со проширувањето на производствените капацитети и со новата распределба на моделите по одделните фабрики, Mazda реагира на континуираниот раст во продажбата на CX-3, исто како и на останатите теренци на марката.
Примероците од Mazda CX-3 за јапонскиот и европскиот пазар досега пристигаа исклучиво од фабриката во Ујина, кадешто се произведуваат и CX-5 и моделот за северноамериканскиот пазар CX-9. Со преселувањето на дел од продукцијата на CX-3 во Хофу, Mazda ќе може побрзо и пофлексибилно да реагира на побарувачката за своите теренски модели.
CX-3 ќе се произведува во фабриката за Mazda3 и Mazda6
Mazda ќе продолжи со реорганизација на продукцијата со цел 50% од планираната годишна продукција од 1,65 милиони примероци да отпаѓа на кросоверите. Во фабриката Хофу досега се произведуваа само моделите Mazda3 и Mazda6.
CX-3 на македонскиот пазар стартува од 18.980 евра, во изведба со дволитарски бензинец со 120 КС и погон напред.
















