Автомобилот без волан и без педали на Google моментно мирува со развојот. Според последните објави, интернет гигантот отстапува од првичните планови и бара партнер меѓу производителите на автомобили.
Google нема да продолжи самостојно со развојот на својот роботизиран автомобил без волан и без педали. Холдингот Alphabet во чијашто сопственост е интернет-гигантот бара партнер меѓу традиционалните производители на автомобили. Тоа го објавуваат повеќе локални медиуми коишто ги покриваат збиднувањата во Силиконската Долина.
Првично се најавуваше дека комерцијалните услуги со автомобилот без возач ќе стартуваат кон крајот на 2017 година. Реализацијата на овој план зависи првенствено од напредокот со развојот на прототипите во Fiat Chrysler. Во италијанско-американскиот концерн се модифицирани околу 100 примероци од ванот Chrysler Pacifica, со цел технологијата за автономно возење на Google да се тестира во обични возила.
Google пред две години го претстави малечкиот двосед од сопствен развој со електричен погон. Замислата беше автомобилот да се движи исклучиво преку компјутер, без волан и без педали. Прототипите на Google Auto што моментно се тестираат во седиштето на компанијата во Маунтин Вју, како и во градот Остин во Тексас, поседуваат и педали и волан затоа што така пропишуваат законите.
Но, идејата за роботски автомобил нема да замре. Поранешниот шеф на развој Крис Урмсон, којшто летоска го напушти проектот на Google Auto, продолжува самостојно да ја развива технологијата. Според локалните медиуми, Урмсон подготвува старт-ап компанија за софтвер за роботски автомобили.
















