Стаклените кули на Volkswagen лансираат 500 нови автомобили дневно

Volkswagen го претвори преземањето автомобил директно од фабрика во спектакл за купувачите, кога го отвори Автомобилскиот Град пред деценија и пол. Двете стаклени кули високи по педесетина метри одушевуваат подеднакво и денес, со целосно автоматизираниот процес на доставување на новите автомобили до нивните сопственици.

Вкупно 268 скалила водат до врвот на дваесеттиот кат на двете стаклени кули високи по 48 метри. Кулите несомнено се едни од главните обележја на „Автомобилскиот град“, тематскиот центар во матичната фабрика на Volkswagen во Волфсбург, којшто е замислен како еден вид „Дизниленд“ за возачите и љубителите на мајчинската марка на концернот, но и на сите останати марки под покривот на VW. Честопати во центарот гостуваат и модели од марки надвор од концернот, коишто имаат испишано значајни историски поглавја.

Автомобилскиот град на VW

Секој ден по 500 сопственици, директно од фабрика ги преземаат своите нови автомобили во овие препознатливи градби. Во стаклените џинови се наоѓаат по 400 возила од марките Volkswagen и Seat и истите се испорачуваат на мошне спектакуларен начин. Automedia ги открива сите детали на сложениот систем за испорака во „Аутоштат“, автомобилскиот град.

Целосно автоматизиран процес на испорака на возилото до сопственикот

Систем за испорака започнува уште во производствените погони, кадешто се наоѓа почетокот на стаклената цевка низ којашто минуваат сите возила до испораката во Аутоштат, вклучувајќи и возила произведени на останатите локации на концернот. Цевката потоа исчезнува во подземен систем со 70 подвижни платформи со натоварени возила, кои се поставени на шини и минуваат пат од седум километри. Во секој автомобил се наоѓа транспондер, за автоматско следење на секое возило, почнувајќи од сместувањето во кулите до идентификацијата пред испораката.

Автомобилскиот град на VW

Крајното одредиште на возилата се двете стаклени кули. Во секоја од нив се наоѓаат два лифта кои ротираат до 180 степени, за возилата по принцип на случаен избор да се разместат на слободните места во кулите, чекајќи ги сопствениците.

За одржувањето и поправката на сложениот транспортен систем се задолжени 16 лица во три смени, 363 денови во годината. Тие интервенираат и во случај автоматиката да закаже, иако тоа се случува исклучително ретко. Грешка при распоредувањето на возилата во кулите може да настане единствено поради човечки пропуст, при рачното внесување на податоците за возилата во компјутерскиот систем, според коишто податоци, вработените потоа ги товарат возилата на транспортните платформи. Доколку се случи грешка, вработените мора лично да се искачуваат по 268-те скали во кулите, во потрага по „изгубениот“ автомобил.

Аутоштат е впишан како рекордер во Гинисовата книга

Првата транспортна платформа го започна својот пат во декември 1999 година, а неколку месеци подоцна беше завршен и системот од четирите лифтови. Во јуни 2000 беше испорачан и првиот автомобил од кулите. За ефикасноста на транспортниот систем сведочи Гинисовата книга на рекорди – Аутоштат го има најбрзиот автоматски систем за паркирање во светот.

Автомобилскиот град на VW

Во 2012 година следеше преправка на транспортниот систем, затоа што дотогаш лифтовите можеа да пренесуваат само возила тешки до 2,5 тони, а Touareg и T6 беа над тој лимит. Поголемата тежина на моделите со хибриден погон исто така услови носивоста на системот од лифтови да се зголеми на три тони.

Минатово лето беше регистрирана и 2,5-милионитата испорака на возило од автомобилскиот град. Кога сопственикот ќе дојде да го преземе своето ново возило, тоа пристига до него преку системот од лифтови, коишто го извлекуваат од местото кадешто автомобилот е паркиран во стаклените кули. Автомобилот продолжува да се движи по шини низ катакомбите, натоварен на носечката платформа, за на крајот да пристигне под центарот за клиенти во автомобилскиот град.

Возилото се испорачува подготвено за возење – со регистерски таблички

Во тој момент, возач го презема возилото и се упатува во внатрешноста на центарот за клиенти. Тука се поставуваат регистерските таблички, возилото се проверува уште еднаш и кросеријата се полира до висок сјај. Сопственикот го добива своето возило на позициите за испорака.

Прв круг на патеката за тестирање во рамките на Автомобилскиот Град

Volkswagen нуди неколку различни пакети за преземање на возилото од Автомобилскиот Град, вклучувајќи и Делукс-пакет, како врв на понудата:

  • Преноќување за две лица во супериор хотел со пет ѕвезди Риц-Карлтон, лоциран во центарот на Автомобилскиот Град
  • Гурмански доручок
  • Користење на спа-подрачјето
  • 2 влезници со дводневна важност за Автомобилскиот град
  • Двочасовна туристичка прошетка со водич
  • Ваучер во вредност од 90 евра: 50 евра за рестораните во градот или во Риц-Карлтон, 20 евра за продавниците, 20 евра за автомобилски прибор на Volkswagen
  • Фабричка тура

Најразлични профили на купувачи се решаваат своето ново возило од Volkswagen да го преземат директно од фабрика, почнувајќи од цели семејства, до познати личности и амбасадори на марката, па дури и групно преземање на новите возила за цел клуб на љубители на Golf GTI. Моментно во автомобилскиот град се работи на вклучување на процесот на дигитализација и на електромобилноста при испораката на возила. Дали тоа значи дека клиентите ќе можат да го следат и контролираат процесот на испорака преку својот паметен телефон, ќе дознаеме наскоро.

[FAG id=26680]

Претходна објаваToyota претстави нова генерација мотори
Следна објаваПо 17 години пауза: Toyota се враќа во светското рели со Yaris WRC

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here