Користењето интернет во автомобилот е практична работа. Преку мрежата пристигаат информации за сообраќајот, музика, снимени емисии, сé е можно. Американскиот General Motors планира од следната година да прикажува и реклами директно на дисплејот во возилото. И да заработува од тоа.
Поврзувањето во мрежа е опција што се нуди во речиси секој нов модел и во секоја класа. General Motors веќе го планира следниот чекор, а тоа би можело да ја уништи забавата. Американскиот концерн сака на возачите да им пушта реклами во автомобилот. Техниката ќе почне да функционира од следната година во возилата од марките на General Motors коишто се опремени со системот за пристап на интернет OnStar. Истиот систем се вградува и во актуелните модели на Opel.
Секогаш кога возачот ќе мине покрај објект на компанијата што е партнер во овој концепт на General Motors, некој синџир супермаркети на пример, на дисплејот на возилото автоматски се прикажува рекламна порака што го потсетува возачот да ги изврши потребните набавки. Друго сценарио е кога возачот влегува во нов град. Во тој случај, на дисплејот во возилото веднаш се прикажуваат рестораните и продавниците во градот, оние што се партнери на General Motors.
Американскиот производител има обезбедено пет партнери уште пред да стартува концептот, меѓу кои Exxon и Mastercard.
Рекламите ќе бидат персонализирани и за тоа ќе се погрижи специјалистот IBM, со интелигентниот бот Watson. Вештачката интелигенција ќе проценува врз основа на однесувањето на возачот, кои производи и услуги ќе му бидат понудени на истиот, односно прикажани на дисплејот. Секако дека електрониката за таа цел ќе користи изобилство информации за возачот и веројатно ќе го следи во секој негов чекор, понудувајќи му „колачиња“.
General Motors е прв што ќе прикажува реклами во приватни автомобили
Секако дека General Motors ќе профитира дополнително од прикажувањето на рекламите во автомобилите. Производителите досега на возачите им нудеа апликации за сервисирање на возилото или сличен софтвер, но никој досега се нема дрзнато да заработува од тоа. Речиси никој. Во возилата за краткотрајно изнајмување што BMW и партнерот Sixt ги нудат во специјализираната шема Drive Now, на корисниците исто така им се прикажува персонализирана реклама во автомобилот.
Во моментов околу два милиони возила се опремени со техниката OnStar и располагаат со поддршка за стандардот LTE. Проектот ќе стартува кон крајот на следната година. Неизвесно е дали General Motors ќе ја понуди оваа „услуга“ и за корисниците на Opel во Европа.
















