Кина водедува нови услови за производителите на автомобили. Од 2018 година, одреден дел од вкупната продукција мора да отпаѓа на електрични возила. На тој начин државата планира да ја реализира целта да стане водечки светски пазар за електрични возила, но и да го заштити сопственото производство.
Најголемиот пазар за автомобили во светот поставува нови услови за производителите. Кинеската влада воведува квота за електрични автомобили, со цел производителите повеќе да инвестираат во електричниот погон. Што точно значи квотата: Доколку одредена марка продава еден милион автомобили во Кина, 20.000 од нив мора да поседуваат електричен погон. Конкретно Volkswagen, кој моментно продава три милиони возила во Кина, по стапувањето на новите правила на сила во 2018 година, ќе мора да продаде соодветно 60.000 електромобили.
Овој удел постепено ќе се зголемува секоја наредна година. Доколку производителот не успее да собере доволно бодови, односно не продаде доволно електрични и плагин-хибридни возила, тој ќе мора да ја намали својата продукција или да откупи бодови од останатите производители на автомобили – слично како во глобалната трговија со СО2.
Странските производители во паника дали ќе ги исполнат квотите
Странските производители се во паника, но пазарните аналитичари не се изненадени од одлуката. Кинезите планираат да се пробијат на светскиот пазар, но бидејќи тоа не можат да го постигнат со обични мотори со внатрешно согорување, се решаваат за електричниот погон. Домашните производители веќе имаат напреднато далеку во воведувањето на електромобили и плагин-хибриди во својата моделска понуда. Со новите правила на игра, тие ќе напреднат уште подалеку. BYD е најголем производител на електрични и плагин-хибридни автомобили во светот, со 60.000 возила лани. Само електричната лимузина Qin се продаде во 32.000 примероци. Светот нема реална претстава за напредокот на Кина во електромобилноста.

Само во периодот од јануари до август, во земјата се продадоа 240.000 електромобили, што е за 123% повеќе во споредба со истиот период лани. Нивниот пазарен удел веќе достигнува 1,7 процент, а трендот продолжува стрмно угоре. Голем е бројот на купувачи што се решаваат нивниот прв автомобил да биде токму со погон на струја.
















