Нова кинеска марка Lynk & Co: Автомобил со еден сопственик и повеќе корисници

lynk-co_01, geely

Кинескиот Geely лансира нова автомобилска марка и нова идеја. Lynk & Co ги претвора идните сопственици во изнајмувачи. Додека сопственикот е в канцеларија, неговиот автомобил е слободен за други корисници, кои му плаќаат за изнајмувањето. Се предвидува и различен начин на дистрибуција, што ја намалува цената на возилото. Техниката е од Volvo.

Новата кинеска марка Lynk одржа премиера на својот прв модел во шведскиот Гетеборг, во домот на Volvo, за подоцна да следи и вистинското деби на големата сцена, на автомобилскиот конгрес во Берлин. Кинезите не беа особено креативни во именувањето на моделот, којшто е означен со наједноставно „01“, но затоа се подобри нивните идеи со коишто ќе допрат до купувачите. Една од идеите е сопствениците да го споделуваат својот автомобил со други корисници.

Lynk & Co. 01 in Berlin

Според Ален Висер, шеф на Lynk, советник во Geely и поранешен менаџер во Volvo, тоа е „предност за урбаната публика којашто е свикната на колективно користење на потрошувачки добра“. Планот на Висер со неговата нова марка е целосно да го напушти класичниот систем на автомобилската индустрија и да премине на директно поврзување на производството на автомобили и нивното изнајмување.

Во постоечките шеми за заедничко користење возила, како Car2go на Daimler или DriveNow на BMW, корисниците мораат претходно да се најавуваат во возилата преку корисничка картичка. Но, постојат и фирми коишто се посветуваат само на заедничкото користење на приватни возила. Тоа најчесто се старт-ап компании, коишто само посредуваат, но не ги произведуваат автомобилите. Намерата на Geely со новата марка Lynk е да го поврзе производството со заедничкото користење на автомобилите.

Додека сопственикот е во канцеларија, неговиот автомобил му носи заработка од изнајмувањето

Корисниците на автомобилите треба само да ја преземат соодветната апликација на своите паметни телефони. Секој корисник, откако ќе заврши со користењето на автомобилот, ќе го притиска копчето во возилото, со коешто на останатите корисници им соопштува дека возилото е слободно во моментот. На тој начин, сопственикот на возилото ќе има можност за дополнителна заработка од изнајмувањето на возилото, во периодот кога истото не му е потребно.

Lynk & Co. 01 in Berlin

Што се однесува до самиот автомобил, грбот од Volvo, којшто е во сопственост на Geely, ќе ги убеди идните сопственици и корисници во безбедноста на возилото, што претходно не беше случај со кинеските марки. Според производителот, Lynk 01 ги задоволува истите стандарди и располага со истите технологии како моделите на Volvo.

Планот е продажбата на кинескиот пазар да стартува кон крајот на следната година, а од 2018 година и на пазарот во САД. Пазарните аналитичари искажуваат недоверба со успехот на новата марка, посочувајќи на острата конкуренција во Кина, како најголем пазар за автомобили во светот.

Со продажбата преку интернет отпаѓа стандардната дилерска маржа

Lynk сепак има една голема предност, најважната. Со замислениот концепт, нема потреба од големи дилерски и дистрибутивни мрежи за продажба на возилата. Кинезите ветуваат дека трошоците за маркетинг, реклами и трговските маржи ќе бидат преполовени со нивната нова марка. Оваа предност ќе се огледува директно во цената на возилата.

https://www.youtube.com/watch?v=qydaNhBUOp8

Возилата ќе се продаваат онлајн, производителот ќе организира посебна служба што ќе ги носи возилата во сервисна работилница место сопственикот, ќе постои само една моделска изведба заради намалување на производствените трошоци. Lynk & Co сигурно кријат уште многу изненадувања.

Цените за првиот автомобил на Lynk уште не се објавени. Компактниот теренец користи хибриден погон, со 1,5-литарски бензинец, платформата е идентична со идната серија S40/V40 на Volvo. Марката не стартува тукутака со модел во сегментот на теренците, којшто е во постојан пораст. Висер најавува дека наскоро ќе следат и други модели – означени соодветно 02, 03, итн. Случајно не се нашол креативен човек да смисли вистинско име за автомобилите? Секако не. Тоа што Lynk & Co ги именува своите автомобили без да им доделува божествени имиња, го урива основниот култ на автомобилите. Тие во иднина ќе бидат општествено добро, место статусен симбол.

[FAG id=25913]

Претходна објаваКако Ford Transit стана најпродавано доставно возило во светот
Следна објаваFord тестира технологија што го „лови“ зелениот бран

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here