Toyota стартува со нарачки за C-HR веќе од октомври

Јапонците пристигаат со доцнење во сегментот на малечките кросовери, но затоа имаат што да понудат: Впечатлив изглед, одлична опременост и верзија со хибриден погон, како најголем адут пред конуренцијата. Toyota C-HR со цената сепак цели повисоко во класата.

Најголемите пазари во Европа ќе стартуваат со нарачки за новиот кросовер на Toyota веќе од почетокот на следниот месец. Како и вообичаено, германскиот пазар прв ги добива цените за новите модели. Во основната изведба со 1,2-литарски бензинец со турбо натполнење и 116 КС, новиот C-HR на овој пазар стартува од 21.990 евра.

Покрај верзијата со преден погон, достапна е и моделска изведба со погон на сите тркала, којашто доаѓа единствено во комбинација со автоматизиран менувач Multidrive S. Кросоверот со каросерија во стил на купе се нуди и во хибридна изведба, со 1,8-литарски бензинец со 98 КС во комбинација со електромотор со 72 КС и погон напред. Просечната потрошувачка според Toyota изнесува 3,8 литри. Подетални технички податоци ќе следат наскоро.

Toyota C-HR

Вкупно четири нивоа на опрема им се нудат на купувачите, кои за германскиот пазар ги носат имињата C-HR, Flow, Style и Lounge. Второто ниво на опрема поседува мултимедиски систем со дисплеј од 4,2 инчи, автоматски клима уред, сензор за дожд, кожа на воланот, сребрени украси во внатрешноста и алу-бандажи од 17 инчи. Како што укажува и името, следното ниво Style доаѓа со двобојна каросерија, виолетово-сини детали во внатрешноста и црно-сини седишта, додека во врвното ниво Lounge единствени опции шро преостануваат за доплата се озвучување JBL, кожени седишта и диодни светла.

Примерна безбедносна опрема уште во основната моделска изведба на C-HR

Безбедносната опрема уште во основниот модел опфаќа систем за самостојно запирање при опасност од судир и препознавање пешаци на патот, систем за следење лента со активна корекција на правец, автоматика за долго светло и приспособлив темпомат.

Toyota C-HR

Toyota C-HR е втор обид на Јапонците во сегментот на малечките кросовери. Во периодот меѓу 2009 и 2014 година марката го нудеше Urban Cruiser, кој беше осмислен совршено, освен што се појави неколку години пред големиот бум и го пропушти заслуженото место на пазарот. Новиот модел во изгледот се издвојува радикално од конкуренцијата, а го има и хибридниот погон, како најсилен адут. C-HR на пазарот ќе се соочи со Nissan Juke, Renault Captur, Honda HR-V и уште неколку силни играчи. Производството се одвива во фабриката на Toyota во Турција.

[FAG id=25543]

Претходна објаваMercedes E-Class за сите терени
Следна објаваМакедонија доби „место за вдишување на духот на Порше“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here