Во Ми-Да Моторс претставена луксузната лимузина Volvo S90

Volvo ја потврдува припадноста во премиум сегментот со новата генерација на S90, којшто ја продолжува традицијата на големите лимузини на шведската марка, потпирајќи се на препознатлив скандинавски дизајн, напредна техника и врвна безбедност. Моделот доживеа и македонска премиера во салонот на Ми-Да Моторс, со цена на основниот модел од 62.000 евра.

По ланската премиера на луксузниот теренец XC90 со којшто шведската марка ја стартуваше најобемната моделска офанзива во својата историја, во гамата на Volvo веќе пристига и вториот модел којшто се базира врз платформата SPA, лимузината од високата класа Volvo S90. Шведскиот конкурент на класата Е на Mercedes и на Audi A6 настапува самоуверено со препознатлив скандинавски печат во дизајнот, вклучувајќи доминантна маска со новото лого на Volvo и светла во стилот на Тор, како и линии што уште на око уверуваат во цврстината на шведскиот челик.

Сопственикот на Ми-Да Моторс, Марјан Миновски, го одбележа почетокот на македонската презентација на лимузинскиот знаменосец на Volvo, на новата генерација на луксузниот S90
Сопственикот на Ми-Да Моторс, Марјан Миновски, го одбележа почетокот на македонската премиера на лимузинскиот знаменосец на Volvo, на новата генерација на луксузниот S90

Директниот наследник на Volvo S80, но и на легендите Volvo 960, 760, серијата 200 и Volvo 164, вози со истата погонска техника и ја користи истата платформа од големиот теренец XC90. Тоа значи дека под хаубата работат исклучиво четирицилиндарски мотори со зафатнина од два литри, коишто се нудат во повеќе степени на моќност, сите со единечно или двојно турбонатполнење, но и со дополителен механички компресор во случајот на топ-бензинецот T6.

Осумстепен автоматски менувач како стандард, посилните верзии со погон 4х4

Автоматски менувач со осум степен на пренос е стандард во сите моделски изведби, почнувајќи од дизелот D4 со 190 КС, преку основниот бензинец T5 со 254 КС и посилниот дизел D5 со 235 КС, до врвниот T6 со 320 КС. Топ-дизелот и топ-бензинецот дополнително располагаат и со погон на сите тркала. Хибридниот модел T8 Twin Engine со бензинецот од T6 во комбинација со електромотор со 87 КС, засега не се појавува во официјалниот ценовник на Volvo на македонскиот пазар.

Ценовникот стартува со Volvo S90 T5, со цена од 61.948 евра, во комбинација со ниво на опрема Momentum. Потентниот бензинец T6 во истото ниво чини 73.950 евра, односно 79.938 во повисокото ниво Inscrintion. Дизелот D4 чини 66.906, посилниот D5 се цени на 71.953 евра.

volvo-s90-3

Нивото на опрема вообичаено го следи стандардот на шведската марка, особено во безбедносната опрема. Големата лимузина уште во основната моделска изведба поседува двозонска автоматска клима, средишен дисплеј од 8 инчи – којшто во суштина е таблет од Apple, двослојни странични стакла и задно стакло, приспособлив темпомат со самостојно поаѓање и запирање – активен до брзина од 130 km/h, самостојно запирање при опасност од судир, активен систем за следење лента, паркинг сензори назад, диодни светла напред и назад, како и алуминиумски бандажи од 18 инчи и кожени седишта.

Volvo веќе има уште два модела што чекаат да се наместат на лансирната рампа – комбито V90, коешто секако ќе ги заскокотка традиционалистите на шведската марка, како и штотуку претставената теренска верзија од ова комби со ознака V90 Cross Country.

Претходна објаваПремиера на моделот на Mercedes дизајниран од Славче Таневски
Следна објаваБлиндиран Mercedes-Maybach го чува животот за 1,4 милион евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here