Audi во иднина ќе биде повеќе присутен во Формула Е. Од следната сезона, којашто започнува на 9-ти октомври во Хонгконг, Audi ќе ја зголеми финансиската и техничката поддршка за тимот ABT Schaeffler Audi Sport.
Отстрана на болидот со електричен погон ABT Schaeffler FE02 и на задниот спојлер ќе доминираат четирите прстени. Веќе од сезоната 2017/2018, спортското одделение на Audi ќе настапува како фабрички тим, во тесна соработка со технолошкиот партнер и добавувач на автоиндустријата Schaeffler.
Audi се појавува во името на тимот уште од првата сезона во формула Е во 2014 година, кога го отстапи и својот фабрички возач, Бразилецот Лукас ди Граси. Тркачкиот тим воедно ја доби на располагање и инфраструктурата на Audi Sport во Нојбург. Како втор пилот во Формула Е настапува Германецот Даниел Абт, кој веќе трета сезона е тимски колега со Бразилецот. Ди Граси се пласираше трет во првата сезона во формула Е, додека во ланската сезона за малку ја пропушти шансата да ја освои шампионската титула.
















