Концернот Volkswagen скусува над 40 модели од понудата

Гигантот од Волфсбург воведува нова стратегија којашто предвидува бројот на модели од сите марки во концернот да се скуси на помалку од 300. Кои се моделите што во иднина ќе ни недостигаат? Или нема.

Повеќе од впечатлив е бројот на модели што концернот Volkswagen во моментов ги нуди со сите свои автомобилски марки – близу 350 модели од актуелната понуда го носат знакот на матичниот Volkswagen, на Audi, Skoda, Seat или Porsche, Bentley, Lamborghini и Bugatti. Овој број наскоро ќе почне да се скусува како дел од новата стратегија во Волфсбург.

Шефот Милер уште не открива кои точно модели ќе бидат скусени од понудата, но се шпекулира дека нивниот број ќе достигне околу четириесет. Се подразбира дека први ќе отпаднат моделите со послаба продажба, коишто не ги оправдуваат тропоците за нивен понатамошен развој. Во последниве години, концернот значително ја прошири понудата од модели, со цел да ја преземе титулата на најголем производител на автомобили во светот – и лани за влакно не успеа во тоа. Потоа следеше диригираниот напад врз дизелите на Volkswagen.

Ќе се скусува бројот на каросериски варијанти во повеќето моделски семејства

Повеќето од главните моделски серии се нудат во повеќе каросериски варијанти, со две или со четири врати, кабриолет, комби, купе, кросовер. Тоа значително го усложнува раководењето со производството. На тоа се надоврзува и проблемот што купувачите честопати се доведуваат во двоумење меѓу слични модели од различните марки на концернот Volkswagen.

VW Polo

„Стратегијата 2025“ предвидува нова организација на моделската понуда на одделните марки, што значи откажување од одредени моделски варијанти. Некои од нив се познати веќе подолго време, а останатите може да се погодуваат. Сосема е извесно дека кабриолетот со метален преклоплив покрив Volkswagen Eos нема да добие наследник. Polo BlueMotion, најштедливата верзија во гамата на овој модел, исто така си заминува од понудата. Како нејзина замена може да се воведат поспортски изведби на Polo. Поради слабиот интерес се размислува да се укине и верзијата на Polo со две врати. Сличен потег неодамна покажа Ford со воведувањето на основниот модел Ka+, којшто ќе се нуди само со пет врати, а регионално и како класична лимузина.

Два модела со долга трациција може да отпаднат од понудата

Виси иднината и на Scirocco, чијашто продажба на европскиот пазар е далеку од очекувањата. Само во Кина се имаат продадено неколку илјади примероци од компактното купе со долга традиција.

VW Beetle

Суперлуксузниот Phaeton веќе не се произведува, по само 84.000 примероци од сите генерации досега. Можно е неговото место да биде пополнето со луксузна лимузина со погон на струја, иако и тоа е под голем знак на прашање. „Мексиканските“ автомобили Beetle и Beetle Cabrio му обезбедуваат добар имиџ на Volkswagen на регионалниот пазар, но продажбата не е доволно висока, а заработката е минимална. Засега Volkswagen се спротивставува на исклучувањето на ова моделско име што е корен на марката. Големиот ван Sharan може да добие замена со продолжена каросериска верзија на Touran.

Кај премиум марките Audi и Porsche може да биднат жртвувани купе-теренците Q6 и Q8, односно луксузното купе-комби Panamera Shooting Brake. Наспроти тоа, сериската верзија што ќе произлезе од студијата Mission E сосема извесно останува во план. Профитабилните и исклучително успешни марки на глобалниот пазар не се проблем, повеќе грижа предизвикува вишокот модели во матичната марка Volkswagen, како и неодредената понуда во шпанскиот Seat.

Само за воланот во Golf постојат 117 најразлични варијанти

Покрај тоа што ќе се откажуваат цели моделски семејства, ќе се намалува и бројот на каросериски варијанти кај речиси сите модели. Верзиите со најсилните мотори во иднина ќе бидат на располагање само со менувач со двојна спојка. Тоа ги намалува развојните и производствените трошоци, но е добро за идните хибридни модели и за намалувањето на потрошувачката на гориво во целото производствено портфолио на марките во концернот.

VW Golf

Поедноставување следува и во разновидноста на пакетите на опрема. Во моментов постојат 117 најразлични варијанти само за воланот на Golf, вклучувајќи ги сите опции што се нудат за моделот. Овој број треба да се намали на четирисетина. Тоа е само за претстава колку голема рационализација претстои во понудата на гигантот од Волфсбург. На крајот, купувачите се тие што ќе профитираат. Рационализацијата се прави за концернот да заштеди и на купувачите да им се понуди повеќе.

Претходна објаваОвој Mercedes со необична историја ќе предизвика наддавачка треска
Следна објаваFerrari LaFerrari во натпревар во влечење јаже против KTM Super Duke

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here