Skoda дефинитивно се подготвува за враќање на пазарот во Северна Америка, како зајакнување на концернот. Експертите предлагаат и радикален чекор, позицијата на Volkswagen да се замени со чешката марка.
Skoda е пред камбек на северноамериканскиот пазар. Пред неколку денови, Skoda ги регистрираше имињата на неколку свои модели за тамошниот пазар, што би требало да претставува потврда за намерите на чешката марка. Знаменосецот Superb, заедно со Octavia и Yeti се на списокот на заштитени моделски имиња. Skoda продаваше на пазарот од другата страна на океанот уште во 1950-те и 1960-те години, долго пред да стане дел од концернот Volkswagen во 1991 година. Враќањето сепак нема да се случи преку ноќ.
Концернот Volkswagen беше силно нападнат од американските власти, откако независна организација „шепна“ дека германскиот гигант користи софтвер за манипулација со издувните гасови. Моментно во Волфсбург се работи на стратегијата 2025 и северноамериканскиот пазар секако дека е неизоставен дел во неа. Планот е присуството на Skoda да се зајакне на пазарите на коишто марката досега не беше застапена во полн обем.
Во Волфсбург долго се размислуваше и за Skoda да се понуди на пазарот во Кина
Како дел од оваа стратегија, шефовите на концернот од Волфсбург долго време размислуваа дали да ја понудат марката Skoda на кинескиот пазар. Денес, Кина е меѓу најголемите пазари на марката од Млада Болеслав. И покрај тоа, враќањето на Skoda на северноамериканскиот пазар уште е неизвесно.
Експерти гледаат позитивен ефект од враќањето на Skoda на пазарот од другата страна на големата бара во освежувањето на имиџот на матичната марка на концернот Volkswagen. Некои од нив дури предлагаат и радикални чекори, како целосно повлекување на марката Volkswagen од тамошниот пазар и нејзина комплетна замена со Skoda.
















