Skoda деведесет години ги вози чешките претседатели

Уште од времето на првиот претседател на тогашна Чехословачка, Skoda редовно ги снабдува шефовите на државата со службени лимузини. Со исклучок на периодот кога за таа намена служеа само руски лимузини.

Пред точно 90 години, Skoda Hispano-Suiza стана службен автомобил на првиот претседател на Чехословачка, Томаш Гариг Масарик. Оттогаш, Skoda редовно е дел од возниот парк на чехословачките и чешките претседатели и владини функционери. На актуелниот претседател на Чешка, Милош Земан, како службен автомобил му служи третата генерација на Skoda Superb.

Томаш Гарик Масарик, кој стана прв претседател на Чехословачка во 1918 година, беше воедно и првиот сопственик на Skoda Hispano-Suiza. Првата претседателска лимузина е произведена во 1926 година, една година по спојувањето на компанијата Lauren & Klement од Млада Болеслав и компанијата Skoda, со седиште во П’лзен. Во тој период, во погонот на Skoda во Западна Бохемија започнува производство на мала серија возила под лиценца на престижната француска марка Hispano-Suiza. Во П’лзен се произведуваат сто примероци од Skoda Hispano-Suiza, кој во 1920-те години се вбројува меѓу најсофистицираните и најбрзи автомобили.

Во мај 1926 година, првиот примерок од овој модел е продаден на претседателската канцеларија на Томаш Гариг Масарик, по цена од 280.000 круни. Нарачката направена на 25 јули 1925 година вклучувала неколку посебни барања по желба на претседателот, со стаклена преграда меѓу возачот и задниот дел од возилото. Каросеријата била изработена во специјализираната париска компанија Carrosserie Kellner Frères. По повлекувањето на 85-годишниот Масарик од претседателската функција во декември 1935 година, Skoda Hispano-Suiza мирувала во гаражата на неговата резиденција во Прашкиот Замок, кадешто останала до 17-март 1936 година. Потоа, возилото е предадено на производителот, но наамошната судбина на претседателската лимузина е непозната.

Шестцилиндарски мотор со зафатнина од 6,7 литри и крајна брзина од 140 km/h

Погонската техника на Skoda Hispano-Suiza била мошне напредна за тоа време. Шестцилиндарскиот мотор со зафатнина од 6,7 литри поседувал коленасто вратило со седум лежишта, што придонесувало за мирната работа. Блокот на моторот се произведувал од метален блок од 350 килограми и по комплексната изработка тежел само 45 килограми. Механичкиот засилувач на сопирачките ја користел кинетичката енергија на возилото тешко до 2,7 тони, за прогресивно да го зголемува ефектот на барабан сопирачките.

По втората светска војна, Skoda повторно испорачува официјално возило за претседателот на тогашна Чехословачка. Skoda VOS (Vládní osobní speciál или специјален автомобил за влада), со блиндирана каросерија и стакла дебели 52 милиметри, тежел 4,44 тони и имал подеднакво импресивни димензии: Должина 5,7 метри, висина 1,95 метар и ширина 1,75 метар. Меѓу 1950 и 1952 година се произведени околу сто примероци од овој модел во различни верзии. Чехословачките претседатели Клемент Готвалд (1896-1953) и Антонин Запоточки (1884-1957) се возат во овие лимузини.

На актуелниот претседател Милош Земан му беше испорачан првиот примерок од Skoda Superb
На актуелниот претседател Милош Земан му беше испорачан првиот примерок од Skoda Superb

Во следните декади, до падот на железната завеса во 1989 година, владиниот возен парк се состои првенствено од советските марки ZIS И ZIL. По четири години, Skoda повторно испорачува автомобил за претседателот на независната Република Чешка. Поранешниот претседател Вацлав Хавел (1936-2011), бил голем љубител на автомобилизмот и лично инсистирал да тестира повеќе модели на Skoda, вклучувајќи ги тогашните Felicia, како и првите генерации на Fabia, Octavia и Superb. Неговиот наследник Вацлав Клаус ги возеше двете генерации на Skoda Superb во двата мандати меѓу 2003 и 2013 година.

Актуелниот чешки претседател Милош Земан седна во нвоата претседателска лимузина Skoda Superb од третата генерација на свечената церемонија во Прашкиот Замок, лани на 5-ти јуни. Црната лимузина со лак со бисерен ефект е со највисокото ниво на опрема Laurin & Klement и со најсилниот мотор, дволитарски TSI со 280 КС, во комбинација со менувач DSG.

Претходна објаваTesla ангажира еден од главните менаџери на Audi во производството
Следна објаваBMW заостанува во трката во продажбата зад Mercedes

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here