Уште три седмици остануваат до појавувањето на новата генерација на купето Audi A5. Првата официјална фотографија ја прикажува „само“ силуетата, но тоа е и најважното за љубителите на оваа каросериска форма.
Audi почнува со подгревање на расположението на љубителите на купеата од средната класа, со објавувањето на првата официјална фотографија на A5, дваесетина денови пред премиерата на моделот што е закажана за втори јуни. Актуелната генерација со дизајнерскиот потпис на Валтер де Силва се вбројува меѓу најпривлечните класични купеа на пазарот и љубителите на моделот секако дека не смеат да останат разочарани. На фотографијата се наѕира само силуетата на идниот A5, којашто ја задржува елеганцијата на сегашниот модел.
Околу деталите може да се претпостави дека новиот A5 ќе го следи примерот на лимузинскиот A4, којшто е основа на моделското семејство. Според тоа, купето ќе добие поширока предна маска во комбинација со светла со „забец“, заедно со неколку подзатегнати рабови по каросеријата и задолжително со диодна техника за задните светла. Во габаритите на каросеријата не би требало да се очекуваат поголеми отстапувања, имајќи во предвид дека купето ја користи истата платформа MLB од класичната лимузина, којашто меѓу другото носи и порационално искористување на просторот.
Мотори од актуелниот Audi A4 во дијапазон меѓу 150 и 354 КС
Позначајна придобивка од преоѓањето на новата платформа е секако заштедата во тежината од околу стотина килограми, по пример на A4. Спортските изведби во семејството на модели од средната класа ќе ги имаат истите мотори како лимузината со којашто започна обновувањето. Основата на бензинската понуда ќе ја сочинува новиот дволитарски TFSI, со верзии со моќност од 190 и 252 КС, а врвот вообичаено ќе го претставува S5 со трилитарски бензинец и 354 КС.
Дијапазонот на моќноста на дизелите ќе се движи меѓу 150 и 272 КС, во повеќе верзии на моќност на дволитарскиот TDI и со шестцилиндарски дизел од три литри на врвот од понудата. Можно е во купето да се воведе и дизелски пандан на S5. Екстремниот спортист RS 5 следи в година, со мотор V6 со битурбо натполнење и моќност од околу 500 КС. Продажбата на новото купе A5 би требало да стартува наесен, по што ќе следи и воведување на купе-лимузината Sportback и на кабриолетот.
















