PSA Group развива електрични автомобили со кинескиот Dongfeng

Стратешкото партнерство меѓу францускиот PSA и кинескиот Dongfeng се проширува со заеднички развој на автомобили со електричен погон. Првите модели на струја од четирите марки ќе се појават во 2019 година.

Француската групација PSA и кинескиот Dongfeng Motors ќе развиваат електрични автомобили врз база на заедничката платформа CMP. Тоа е клучната цел на планот наречен 5А+, што го предвидува натамошното одвивање на француско-кинеското партнерство Dongfeng Peugeot Citroën Automobile. Идната електрична платформа eCMP ќе се користи за модели од градската и компакт класата на сите четири марки, Peugeot, Citroën, DS и Dongfeng. Првите модели со новата електрична платформа ќе се појават на пазарот во 2019 година.

Групацијата PSA и DFM потпишаа и спогодба за меѓусебна размена на експерти што ќе работат во подрачјата на истражувањето и развојот, маркетингот, производството, финансиите и човечките ресурси. Овие експертски тимови ќе бидат отстапени привремено, со цел да се разменат искуствата и да се увидат нови можности за проширување на соработката.

Според Карлос Таварес, претседател на управниот одбор на групацијата PSA, идната e-CMP платформа претставува „главен темел на партнерството со Dongfeng, со што се забрзува глобалниот раст на обете групации и се овозможува постигнување на строгите норми за издувни гасови за 2020 година.“ Планот 5А+ е наменет првенствено за зголемување на ефикасноста на Dongfeng Peugeot Citroën Automobile, со цел компанијата да се најде во водечката тројка до 2018 година, а потоа и да го презеде водството на кинескиот пазар во 2020 година.

Претходна објаваAudi S8 plus во изведба на тјунерот Abt: Кога 605 КС не се доволни
Следна објаваНовиот Volkswagen Tiguan стартува со продажба во Македонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here