Зарем собир на најголемите инженери за мотори во светот би можел да мине без присуството на ултимативниот автомобил на денешницата, на Bugatti Chiron. Виена е еден од ретките градови што досега го имаат „видено“ ултраавтомобилот.
Во последните работни денови од април, австриската престолнина ја имаше честа да го пречека најмоќниот и најбрз автомобил од сериско производство, на „јуначкиот плоштад“ Хелденплац, пред прочуениот Хофбург. Bugatti Chiron е пристигнат во Виена за шефот Волфганг Дирхајмер да се „пофали“ со моторот на херојот на браншата, на редовниот годишен собир на најдобрите инженери за мотори.
По премиерата на салонот во Женева во март, Bugatti Chiron досега се има појавено пред јавноста само во Монте Карло, на екскузивниот настан под симболичен наслов „Синото на Монте Карло“, потоа во новиот салон на марката во германскиот Диселдорф, на салонот за мебел во Милано, во њујоршкиот „Кристис“ и во исто така новиот салон за Bugatti во Минхен. Според тоа, Виена е дури седмиот град во светот којшто го вдомил Chiron, барем на неколку денови.
The #bugatti #chiron made its debut in America last night at @ChristiesInc #NewYork Gallery. @dariushimes pic.twitter.com/LXrxySAaiD
— Bugatti (@Bugatti) April 2, 2016
Претседателот на Bugatti, Волфганг Дирхајмер, на симпозиумот за мотори во Виена зборуваше за технологијата во 16-цилиндарецот во Chiron и за начинот на којшто е постигната спектакуларната моќ. Со 1.500 КС и 1.600 њутнметри во работното подрачје од 2.000 до 6.000 вртежи, Bugatti Chiron е ненадминат во сегментот на сериското производство. За зголемувањето на моќноста за 25 проценти во споредба со Veyron, инженерите на марката речиси го конструираа моторот од ново.
Шеснаесетте цилиндри на осумлитарскиот мотор се поставени во W, како конфигурација што стана заштитен знак на марката од алзашкиот Молсхајм. Четирите турбокомпресори добија поголеми димензии и за првпат се регулираат во два степена, оптимиран е повратниот притисок во издувниот систем, исто како и работата на интеркулерите и воведувањето двоен систем за впрскување на гориво, со вкупно 32 инјектори.
„Со своите перформанси и агилноста, новиот 16-цилиндарски мотор на Bugatti Chiron го достигна ултимативното ниво за спортски автомобил од сериско производство,“ објаснува Волфганг Дирхајмер. На тоа нема што да се додава повеќе. Засега.
[FAG id=24189]
















