Купувачите на електрични возила ќе добиваат по 4.000 евра од германската влада за поттикнување на електромобилноста во земјата. Но, постои стравување дека од тоа најмногу ќе профитираат странските марки.
Германија се приклучува со големо задоцнување во поддршката на електричниот погон, со воведување субвенции за купувачите на електрични и плагин-хибридни возила. Целта на германската влада е со воведувањето на премијата во висина од 4.000 евра за секој купувач на електричен автомобил и 3.000 евра за хибриден автомобил е бројот на овие возила на патиштата во земјата да достигне еден милион до 2020 година. За разлика од останатите земји во ЕУ, Азија и САД, поддршката на електричниот погон се чини прексромна, не само поради висината на субвенцијата. Отсуствуваат останатите повластици од видот на бесплатно паркирање, право на користење на лентата за јавен превоз или ослободување од трошоци за регистрација.
Експертите не се изненадени од ваквата воздржаност на германските власти. Германија е „автонацијата“, најголем европски производител на автомобили и најголем пазар за возила во Европа. Во земјата моментно возат 45 милиони возила, од кои само 50.000 се возила со електричен погон. Доколку овој пазар се отвори целосно за електричните и плагин-хибридните автомобили, со полн пакет мерки за поддршка на нивната продажба и експлоатација, најмногу ќе профитираат странските производители. Во споредба со јапонските и француските производители, а особено со специјалистот Tesla, производителите во Германија имаат релативно слаба понуда од модели со електричен и плагин-хибриден погон.
Субвенционирањето е поддршка и за домашните производители
Покрај тоа, во екот на револуцијата на електричниот погон во автмобилскиот сектор, постои голема неизвесност дали производителите што во моментов ја предводат браншата, ќе ја задржат својата позиција и по десет години. Властите секако дека не сакаат нивната земја одненадеж да се најде во подредена положба во споредба со останатите национални индустрии. Кој е следниот чекор во стратегијата на германските власти засега не се знае, но со оваа почетна поддршка на електричниот погон во земјата е сосема извесно дека им се дава шанса на домашните производители за кус период да ја зголемат понудата на возила со електрифицирана погонска спрега.
Државата има издвоено 1,2 милијарда евра за субвенционирањето на електромобилноста, што значи дека најмалку 300.000 купувачи ќе имаат можност да ја искористат премијата. Половина од висината на премијата отпаѓа на германската влада, останатата половина на производителите. Подржани се само возила чија што цена не надминува 60.000 евра во основната моделска изведба.
Уште 300 милиони евра за поставување на нови 15.000 полначи за струја
Дополнителни 300 милиони евра ќе бидат вложени од страна на сојузната влада во проширување и осовременување на инфраструктурата со 15.000 нови полначи за струја. Слабата инфраструктура е тоа што најмногу ги двоуми купувачите при купувањето на возило со погон на струја, покрај високата цена и ограничениот досег.
Но, веќе се јавуваат „нови“ проблеми. Mercedes, Volkswagen и BMW искажале подготвеност да учествуваат со половина во субвенционирањето на електромобилите. Останатите производители засега остануваат неутрални. Дали нивното воздржување е мудар потег, нема двоумење. Заинтересираните купувачи за електрични автомобили од останатите марки нема да го добијат ниту делот од владината субвенција и ќе се решаваат за конкурентските модели од Volkswagen, Audi, Porsche, BMW или Daimler. Соодветно на тоа ќе расте и нивната вкупна продажба.
















