Некои луѓе ништо не ги усреќува. Сопствениците на најлудиот, најбрзиот и најтркачки Aston Martin во историјата сега бараат нивниот хиперавтомобил да се преправи во обичен автомобил, за со него да возат по улица.
Официјалниот добавувач на службените автомобили за најпознатиот таен агент во светот, на 24 среќници им го испорача Aston Martin Vulcan, како најекстремен модел од британската куќа, скроен за дивеење по тркачките патеки. Дел од овие сопственици се обратиле до Aston Martin и побарале нивниот Vulcan да се скроти и да се преработи, за со него да можат да се појават и по нормалните улици по овој свет, место само на тркачка патека.
Купувачот секогаш е во право, особено кога станува збор за автомобил вреден 1,8 милион фунти, па Aston Martin им излезе во пресрет и склучи договор со специјалистот RML, за Vulcan да се модифицира во автомобил што смее да носи нормални регистерски таблички. Преправката ќе трае три месеци, а за цената може да се претпостави дека ќе изнесува најмалку стотина илјади фунти.
Покрај неопходната светлосна сигнализација, Vulcan ќе мора да се култивира во поглед на емисијата на штетни материи, да се симулира безбедноста на каросериската структура при судир, како и да се извршат модификации во менувачот, заради подобра возливост во секојдневниот сообраќај. Растојанието од подлогата исто така ќе мора да се дотера, затоа што сепак нема поента да се поседува ексклузивен суперспортски автомобил, а тој да не може да се вози по обична улица. RML ќе изврши и дополнителни преправки во поглед на практичноста на Vulcan за секојдневието, по барање на сопствениците.
Aston Martin очекува секој четврти од пет сопственици на Vulcan да се реши за преправката.
















