Volvo имаше добра намера кога со комбинацијата од дизел и хибрид сакаше да им понуди двојна штедливост на купувачите на V60. Наследникот на овој модел ќе се нуди во вообичаената хибридна комбинација со бензинец.
Volvo се откажува од својот хибриден погон во комбинација со дизел мотор. Идната генерација на моделите од средната класа, комбито V60 и лимузината S60, повеќе нема да се нуди во верзијата што на купувачите требаше да им возврати двојна штедливост, преку дизелот и преку хибридот. Причината за откажувањето од погонот не е во недоволната штедливост, туку во недоволниот интерес на купувачите. Сепак не се менува ништо спектакуларно, Volvo едноставно ќе го следи вообичаениот принцип на меѓусебна поддршка на електромотор и бензински мотор, исто како во луксузниот теренец XC90 T8 Twin Engine.

Швеѓаните постигнаа фантастично ниски вредности на потрошувачката претставувајќи го Volvo V60 Plug-in Hybrid во 2012 година. Комбинацијата од петцилиндарски дизел со 220 КС за предната оска и електромотор со моќност од 68 КС за задната оска, според фабричките податоци постигнуваше потрошувачка од само 1,8 литар дизел на сто километри и емисија од СО2 од само 48 грами на километар. Проблемот е сепак во тоа што со цената од над 60.000 евра, плагин-хибридот со дизел мотор е за околу десетина илјади евра поскап од споредлив модел со обичен погон. Volvo лани го понуди хибридот и во верзија D5, со моќност на дизелот од 163 КС, но и тоа не смени многу во продажбата.
Идејата да се спојат штедливоста на дизелот и на хибридниот погон во едно не наиде на очекуваниот успех на пазарот. Наспроти моделите со обичен погон со бензин, купувачите на дизел хибрид мора да доплатат двојно, и за дизелот и за електромоторот. Покрај тоа, строгите норми за издувни гасови условуваат примена на скапа техника за пречистување на издувните гасови, што ќе биде дополнителен ценовен товар за дизелот. Mercedes уште во 2015 година се откажа од дизел-хибридот во класата Е. Моментно, само францускиот концерн PSA останува на комбинацијата од дизел и електромотор, во моделите Peugeot 508 и Citroen DS5.
















