Спортското купе на Toyota пристига во освежена варијанта, со агресивни детали во изгледот и со настап каков што заслужуваше уште при првото појавување. GT86 има причини да „гризе“.
Toyota направи сé како што треба во компактното спортско купе GT86. Заден погон, лесна конструкција, боксер мотор зад предната оска, 200 КС и распределба на тежината во совршен сооднос меѓу оските. Тоа што GT86 повеќе е Subaru отколку Toyota не претставува никаква пречка, затоа што имиџот на обете марки се поклопи идеално во овој случај. Полека дојде време и да се подосвежи изгледот на конкурентот на Audi TT и Peugeot RCZ.
Фановите на спортските купеа и на марката ќе ја поздрават новата агресивност на GT86, постигната со поширок средишен отвор за воздух во предниот браник, кој визуелно ја проширува каросеријата и го „лепи“ возилото повеќе на патот. На тоа се надоврзува и новиот дизајн на светлата со диодна техника, на магленките и на целиот преден браник. Стилот соодветно го следат и бандажите со нов дизајн. Променет е изгледот и на задните диодни светла.
Како опција се нудат седишта во комбинација од алкантара и кожа, со велур на арматурната табла и на панелите на вратите. Воланот сега поседува и контроли за радио, со задолжителното лого „86“ во средината. Најсилната страна на купето сепак се динамичните возни својства. Инженерите повторно поработеа на подвозјето и ги поддотераа амортизерите и пружините, со цел да се постигне поголема контрола во возењето и повисока агилност.
GT86 е активен во неколку натпреварувачки серии. Германскиот Toyota Motorsports GmbH разви две тркачки верзии од моделот: GT86 CS-R3 за рели и GT86 CS-Cup за тркачката серија на легендарниот Нирбургринг.
















