Новиот дизајнерски бран на Mitsubishi го зафати и малечкиот Space Star, кој сега во многу поатрактивно пакување го нуди тоа што купувачите го ценат кај него, штедливоста и противвредноста.
По три години од премиерата и над 330.000 продадени примероци на глобално ниво, Mitsubishi му го подари на својот малечок модел тоа што го заслужи – фејслифт и изглед во стилот на новиот дизајнерски правец на марката. По неодамнешната европска премиера на салонот во Женева, Space Star веќе стартува со продажба и на македонскиот пазар.
Во Европа досега се продадени 70.812 примероци од Space Star, од кои најголемиот дел на германскиот, холандскиот и британскиот пазар. Според увозникот Мак Аутостар, моделот на Mitsubishi е меѓу водечките модели во својот сегмент и на македонскиот пазар, кадешто особено се ценат неговата штедливост и противвредноста.
Од новиот модел се очекува да постигне уште поголем продажен успех со освежениот дизајн, но и со богатата опременост на возилото. Уште во основното ниво, Space Star располага со комплетна безбедносна опрема, вклучувајќи контрола на стабилност, шест воздушни перници и помош при поаѓање на нагорнина, како и клима уред и електрика за прозорците и ретровизорите.
Во понуда се два бензински мотори, основен со зафатнина од 1,0 литар и моќност од 71 КС и посилен мотор со зафатнина од 1,2 литар и 80 КС. Обата мотора ја поседуваат технологијата Mivec, како и систем старт-стоп, за дополнителна заштеда на гориво при градско возење. Според фабрика, просечната потрошувачка на верзијата на Space Star со 1,2-литарскиот мотор изнесува 4,3 литри на сто километри.
Должината на возилото е зголемена за 85 милиметри, на 3.795 милиметри, што заедно со зафатите за порационално искористување на кабината им нуди повеќе простор на патниците. Измени се забележуваат и во внатрешноста на возилото, со примена на нови материјали и бои, за стекнување поубедлив впечаток за квалитетот на завршна изработка или за подинамичен стил во кабината, со можноста седиштата да бидат изведени во две бои.
Во традиционалниот манир на Mitsubishi, по пример на фејслифтот на Outlander, се интервенираше и во подвозјето на Space Star, со промени во амортизерите и пружините, како и во управувањето, со цел да се подобри прецизноста и агилноста.
Во повисоките нивоа на опрема се достапни и биксенонски предни светла и диодни дневни светла, алуминиумските бандажи добија нов дизајн, а достапни се и нови бои на каросеријата. Моделот во основното ниво и со еднолитарски мотор чини 8.990 евра.
















