Меѓу многуте концепти што ветуваат суперперформанси на салонот во Женева, еден автомобил се издвојува со неговата блискост до реалноста. Формата на автомобилот се чини мошне позната.
На штандовите на салонот во Женева сé се врти околу коњските сили и цените што достигнуваат милионски вредности. Но, не сé. Една малечка домашна фирма на салонот настапува со проект, којшто наскоро може да стане дел од секојдневната улична слика.
Швајцарската фирма лани започна со тестирање на BMW Isetta со вграден електричен погон по улиците низ Цирих. Публиката покажа одличен интерес и тоа на креаторите им даде поттик да продолжат со реализацијата на својата идеја. Сега на женевскиот салон се појавува Microlino, како резултат од работата и со форма којашто претставува модерна интерпретација на познатата BMW Isetta од средината на 1950-те години. Секако дека и тука останува најпрепознатливиот детал на Isetta – целиот преден дел од возилото се отвора странично.
Електричниот автомобил на Швајцарците тежи 400 килограми и со едно полнење може да измине до 100 километри. Одговара и крајната брзина од 100 километри на час, што е сосема доволно за куси излети надвор од градот. Природната средина на Microlino сепак се градските улици. Компактните димензии на возилото овоможуваат три „микролина“ да се паркираат едно до друго на простор што е потребен за обичните автомобили. Со тоа би се надминал проблемот со недостиг на место за паркирање, но и емисијата на штетни гасови, затоа што според швајцарската фирма дури 40 проценти од штетните гасови настануваат при барање паркинг – кај обичните автомобили.
Планот е возилото да им се понуди на граѓаните на краткотрајно изнајмување, таканаречен „car-sharing“, па соодветно на тоа поседува и неколку системи за поврзување во мрежа, што е потребно за корисникот да лоцира каде е најблиското возило, а потоа и да плати за услугата. Првата серија од моделот е планирано да се произведе во ограничен број примероци во последниот квартал од следната година.
















