Фабричките модели со погон на метан стануваат интересни и на нашиот пазар, со неколкуте постоечки станици за евтиното гориво. Volkswagen во Женева ќе претстави нова верзија на Caddy TGI со погон на метан.
Семејниот ван на Volkswagen веќе подолго време се произведува и во изведба со погон на метан. Германците на салонот во Женева ќе претстават нова верзија на Caddy TGI, со менувач со двојна спојка DSG, што го прави единствен во овој сегмент. Со фабрички декларирана потрошувачка од 4,1 килограм метан на сто километри, со овој модел може да се поминат до 630 километри со гасот во боците. Четирите боци под висок притисок што се изработени специјално за CNG, односно метан, поставени се под подот на возилото, така што товарниот простор останува неизменет, со максимално 3.200 литри при соборени седишта.
Дополнително се вградува и резервоар за бензин со зафатнина од 13 литри, што е добра „резерва“ покрај сé уште тенката мрежа од станици за полнење на евтиниот гас. Моментно, метанот во Македонија е достапен на четири станици за гориво на Макпетрол, со најава за идно проширување на мрежата. Зафатнината на боците за метан во Caddy TGI изнесува 26 килограми. Теоретски, сто километри пат со Volkswagen Caddy TGI би чинело точно 160 денари, покрај актуелната цена на килограм метан од 39 денари.

Покрај стандардната верзија, Volkswagen ја нуди и изведбата Caddy Maxi, со продолжена каросерија и со уште една боца за метан, така што вкупната зафатнина се зголемува на 37 килограми. Во тој случај, при потрошувачка на „Maxi“ од 4,3 литри, со едно полнење метан се вози до 860 километри.
Специјално оптимираниот мотор за погон на метан е со зафатнина од 1,4 литар и ја исполнува нормата EU 6. Основата потекнува од TSI, со таа разлика што се преработени главата на моторот, погонот на вентилите, коленастото вратило, клиповите, цревата и вентилите. Соодветно се модифицирани и контролната електроника за моторот, катализаторот и турбополначот. Volkswagen ја има земено во предвид верзијата за погон на метан уште при развојот на бензинскиот TSI.
Максималниот вртежен момент од 200 њутнметри се испорачува во подрачјето меѓу 1.500 и 3.500 вртежи, а моќноста изнесува 110 КС. Погонот на метан го користи бензинот во одвоениот резервоар само при стартувањето и загревањето на моторот, при температури под -10 степени Целзиусови. Секако дека резервата стои на располагање за случај да нема пумпа за метан во близина. Во Европа во моментов постојат 4.200 станици за точење метан.
Евтиниот гас е достапен и за верзијата Caddy Alltrack, како модел што носи елементи на теренско возило. Продажбата на Caddy TGI со менувачот со двојна спојка DSG на германскиот пазар ќе стартува во јуни. Caddy TGI во верзија како доставно комби и мануелен менувач во Германија чини 22.978 евра, додека најскапиот Caddy TGI Alltrack стартува од 25.002 евра.
Погонот на метан може да стане уште поатрактивен доколку покрај пониската цена на горивото, како следна предност се воведат и посебни повластици при купувањето или регистрацијата на возилото, поради значителното намалување на емисијата на штетни материи, но и бучавата. Поради тоа, во земјите во ЕУ погонот на метан наидува на сé поголем интерес при службена употреба на возилата.
















