На DeLorean му се врати иднината

Како спортски автомобил, DeLorean беше тотална утка, но затоа стекна светска слава во филмот „Назад во иднината“. Овој славно неславен автомобил сега ќе се произведува повторно.

Футуристички изглед, лесна конструкција, крилести врати. DeLorean имаше сé што е потребно за еден спортски автомобил да постигне успех. Но, тој имаше пропуст во еден „детал“. Моторот беше преслаб. Шестцилиндарецот произведен заеднички од Volvo, Peugeot и Renault располагаше само со 132 КС. Крилестите врати, пак, навистина изгледаа одлично, но ракувањето со нив беше исто толку тешко како да се крева канализациска шахта. Не толку безначаен проблем беше и тоа што каросеријата пропушташе.

5608_p5_fВака гледано, DeLorean DMC-12 всушност имаше сé што на еден спортски автомобил му е потребно за да доживее неуспех. Буквално сé. Целата приказна заврши во 1982 година, по само 9.000 произведени примероци. Кусо објаснување може да биде тоа што зад настанокот на DeLorean стои истото име што беше заслужно за стартот на продажбата на Yugo во САД: Малколм Бриклин. Веќе станува појасно.

И додека сите очекуваа DeLorean да влезе со неславен крај во автомобилската историја, автомобилот прерасна во култ. Три години по престанокот на производството, кога во фабриката на DMC веќе одамна беа згаснати светилките, во кината се појави филмот „Назад во иднината“. Со помош на погонот на плутониум и флукскомпензаторот вградени во возилото, филмските ѕвезди патуваа во минатото и во иднината. Овој блокбастер успеа на DeLorean да му обезбеди вечна слава.

Сега му претстои повторно враќање на овој легендарен автомобил. Компанијата DeLorean најави дека ќе изработи 300 нови примероци од DMC-12, по цена од 100.000 долари. Но, уште е прерано за радување. Камбекот на DeLorean досега е најавуван барем исто толку пати колку и продолженијата на „Назад во иднината“.

5608_p9_fПред пет години беше најавено дека ќе стартува верзија со погон на струја. Но, единственото што DeLorean Motor Company успеа да го постигне досега е реставрација на старите модели. Оваа компанија со седиште во Тексас ги откупи правата на марката и на стечајната маса на оригиналниот производител во 1997 година.

Нови надежи за враќањето на DeLorean пристигнаа по менувањето на неколку законски одредби, со коишто фирмата ќе може да произведува комплетно нови возила, користејќи ги преостанатите залихи од делови. Новите закони дозволуваат малосериските производители да изработуваат реплики од стари модели. Притоа, возилата не мораат да ги исполнуваат актуелните строги стандарди за безбедност. Во компанијата долго чекаа на овие законски измени, затоа што досега беше забрането да се произведуваат реплики од оригиналните возила.

Единствен услов е „новиот“ DeLorean DMC-12 да ги исполнува актуелните норми за издувни гасови. Оригиналниот шестцилиндарец со 132 КС не доаѓа во предвид. Но, тоа нема да ги спречи ентузијастите веднаш да започнат со нарачки за идниот DMC-12. Според компанијата, производството на автомобилите ќе започне веднаш откако ќе се обезбеди добавувачот на новите и чисти мотори за вградување во DeLorean. Додека се потпишат договорите и се ангажираат добарувачи и за останатите компоненти, ќе потрае уште најмалку една година. Дали ќе се случи тоа, ќе покаже само иднината.

Претходна објаваШвеѓаните не дозволуваат кинеските сопственици да го користат името Saab
Следна објаваНајмногу електрични автомобили лани се регистрирани во … Кина!

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here