Лимузината на Jaguar се впушти во трка со прочуениот систем за достава на храна Дабавала во индискиот Мумбаи. Исходот од трката се знаеше однапред, но е вредно за шоу во стилот на „Топ Гир“.
Најголеми светски универзитети и водечки компании за брза достава на пратки ја имаат проучувано организацијата на Дабавала. Катедрата за бизнис на Универзитетот Харвард уште пред многу години има воведено наставен предмет за Дабавала, а и експерти од гигантот за достава Federal Express патуваат за индискиот Мумбаи да учат од системот. Овој беспрекорен систем за достава на домашно подготвена храна функционира уште од 1980 година, исклучително е евтин, брз и не ја загадува животната средина. Дабавала и натаму е непогрешлив, и покрај тоа што во него не се користат ниту мобилни телефони или каква било ИТ-мрежа.
Единственото усовршување што досега го има доживеано системот е примената на алуминиумски носач за пренесување на храната. Обидите да се воведат нови технологии немаат постигнато никакво подобрување на Дабавала. Во моментов околу 5.000 „дабавали“ пренесуваат дневно над 130.000 оброци, шест денови во неделата, 52 недели во годината, користејќи ги сите можни видови на превоз, од велосипед и автобус, до воз, па и пеш.
За британската престижна марка Jaguar, инаку во сопственост на индиската Tata Motors, беше предизвик да се соочи со совршеноста на Дабавала по густиот метеж на Мумбаи, со пуштањето во трка на двајца дабавали, едниот седнат на задните седишта во Jaguar XJ, а другиот во традиционалната достава на домашна храна. „Тајното“ оружје на Jaguar XJ – и цел на маркетингот во ова смислено шоу – беше неговиот напреден систем за навигација InControl Touch Pro, кој требаше да помогне во секој момент да се најде соодветен пат низ метежот на мултимилионскиот индиски град, за храната да се достави колку е можно побрзо.
За сето тоа време, дабавалата во XJ можеше да ужива во масажата на задната клупа, како и да ги користи забавните системи во луксузната лимузина. Тоа секако беше ново искуство за него: „Единствената масажа што обично ја добивам е од дупките во патот. Немаше да знам и дека Мумбаи може да биде толку тивок.“ Сосема очекувано во овој случај, Jaguar победи, и тоа само поради доцнењето на возот на другиот дабавала, коешто инаку ретко се случува. Заради поголема веродостојност во трката, секако ќе беше подобро Jaguar да наведеше на колкава релација се одвиваше истата и за колку време таа беше совладана.
















