Ексклузивна серија на Jaguar F-Type во чест на британскиот дизајн

Зарем некој се сомневаше дека Jaguar ги изгуби британските корени откако марката доживеа препород со индиски пари? Секако, не. Специјалната серија F-Type British Design Edition го потврдува британското потекло.

Уште од првото појавување, Jaguar F-Type предизвика одушевување со дизајнот и со конструкцијата, какви што само британската автомобилска школа може да понуди. Меѓу другото, ова спектакуларно купе лани ја освои титулата за најдобро дизајниран автомобил во светот. Тоа како да беше повод, луѓето во марката со дивата мачка да го направат F-Type уште побритански. И ете го F-Type во специјалната серија British Design Edition.

garuar f-type bde (2)

Изгледот на купе и кабриолет изведбата на F-Type доби нови обележја, а има и неколку парчиња екстра опрема. Најважниот детал е изборот на боите на каросеријата. Серијата се нуди во боите на британското знаме: Калдера црвена, глечерно бела и ултра сина. Последнава е новитет во понудата. Верно на традицијата, British Design Edition се нуди и во црна боја.

Спортскиот дизајнерски пакет, достапен како опција во нивото S, кај специјалната серија следува како стандард, со црн сплитер назад, проширени прагови и дифузор, а на тоа може да се додаде и фиксен заден спојлер. Уникатни се бандажите од 20 инчи, во темносива боја и гуми 255/35 напред, односно 295/30 назад. Зад бандажите следат сопирачки клешти од спортското одделение на куќата, во црвена или црна боја. За одбележување на серијата, на предната маска и назад се поставени амблемите на British Design Edition.

garuar f-type bde

Седиштата се обложени со премиум кожа, со штепови во црвена, кремаста или сина боја, и задолително, со логото на серијата втиснато во потпирачите за глава. Место алуминиумот кај нивото S, за средишната конзола се користи карбон. Со преуредување на неколку детали во новото моделско годиште, во багажникот на F-Type се добија осум дополнителни литри простор.

British Design Edition доаѓа стандардно со повисока спецификација на озвучување. Верзиите опремени со InControl Touch располагаат со озвучување од Meridian со 10 звучници и моќност од 380 вати, додека со InControl Touch Plus следуваат 12 звучници и 770 вати. Новитет во F-Type е поддршката за Apple Watch, со можност за отклучување и заклучување на возилото преку паметниот часовник, проверка на нивото на гориво, па дури и контрола на климатизацијата и стартување на моторот.

Претходна објаваVolkswagen започна со производство на новиот Tiguan
Следна објаваБомбастично најавуваниот Faraday Future испадна празен балон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here