Суперспортскиот Huayra ќе добие уште посилна и уште поексклузивна изведба. Pagani ќе ја претстави верзијата на својот болид со 800 КС на салонот во Женева, серијата е ограничена на 20 примероци.
Pagani подготвува уште поекстремна изведба на Huayra. Италијанската ексклузивна работилница за суперспортски автомобили на својата страница на фејсбук ја најави верзијата BC на Huayra. Дванаесетцилиндарскиот мотор со турбонатполнење ќе добие плус 70 КС, односно ќе располага со моќност од 800 КС. Huayra BC ќе биде изработена во само 20 примероци и нормално е дека ќе биде уште поскапа во споредба со „стандардната“ изведба на моделот.
На фотографиите што ги објави Pagani се забележува голем фиксен спојлер одзади и модифициран дифузор. Тоа навестува дека станува збор за верзија што е подготвена за тркачка патека, во стилот на Zonda R. Италијанците уште не го откриваат значењето на кратенката BC, но и тоа ќе се дознае откако моделот ќе доживее премиера на салонот во Женева, кој се одржува во март. Дотогаш секако ќе биде симнато и маскирањето на каросеријата. Може да се очекува на салонот да биде прикажана и родстер изведба од Huayra.
















