Единаесет производители во моментов ја тестираат технологијата на „самовозечките“ автомобили по патиштата во Калифорнија. Државата сега донесе закони за овие возила, кои ќе мора да се почитуваат од 2017 година.
Калифорнија веќе одамна се докажа како најважен и најголем терен за тестирање на автономното возење. Од почетокот на декември, на единаесет производители на возила и добавувачи им е дозволено да ги тестираат своите автономни прототипи во „сончевата држава“, вклучувајќи ги Apple, Google, Bosch, Ford, Mercedes и Volkswagen. Сега државата реши да донесе и закони за возење за автомобилите со оваа технологија, коишто ќе важат од 2017 година.

Со 33 милиони регистрирани возила и 23 милиони сопственици на возачка дозвола, Калифорнија е најголем пазар за автомобили во регионот, но и држава со најголем број возила по 1.000 жители. Државата деновиве ги објави предлог законите за индустријата на автономни возила, која уште е во зачеток, но се развива со брзо темпо. Електричниот автомобил Tesla Model S веќе ја поседува оваа технологија, а наскоро истата ќе биде достапна и во новата класа E на Mercedes.
Најважното правило: Во секое автономно возило мора да се наоѓа сопственик на возачка дозвола, кој во случај на опасност ќе може да посегне по воланот. Во случај на незгода или прекршување на сообраќајните правила, важи истото како и за сите други, односно одговорноста е кај возачот или кај предизвикувачот на незгодата. За возилата се пропишува технички преглед на секои три години, вклучувајќи и проверка на заштитата на софтверот од хакерски напади и заштита на податоците во возилото. Безбедноста ужива највисок приоритет.

Софтверскиот гигант Google секако ќе биде разочаран од овие правила, коишто меѓу другото пропишуваат автономното возило задолжително да поседува волан. Google повеќе би сакал неговите автономни возила да се движат без волан и без педали. Од компанијата изјавуваат: „Сакаме да развиеме автомобили коишто ги превезуваат патниците од точка А до точка Б со едноставно притискање копче. На тој начин сакаме да ја промениме мобилноста на милиони луѓе, односно да ги елиминираме 94-те проценти од сите незгоди, коишто се предизвикани од човечка грешка, како и да им овозможиме мобилност на оние лица коишто не се во состојба да возат.“
Овој план нема да му успее на Google на јавните патишта во Калифорнија. Поради тоа, компанијата ќе им се посвети на такси возила за приватни поседи, на пример за возење во фабрички кругови. Затоа пак, Google може и натаму да ги тестира своите автономни возила на територијата на Тексас, кадешто закони во тој поглед уште не постојат. „Дивиот Запад“ во тој случај му одговара на Google.
















