Необична глетка во компјутерскиот томограф на Audi. Во одделението за проверка на квалитет во фабриката во Некарсулм, деновиве се скенираше череп стар 4.500 години.
Во компјутерскиот томограф во одделението за обезбедување квалитет, инженерите во фабриката на Audi во Некарсулм за првпат скенираа човечки череп стар 4.500 години. Најстар досега скениран експонат на компјутерскиот томограф на Audi беше ибис-мумија стара 2.000 години, по барање на националниот музеј во Виртемберг. Преку снимањето со CT можеше да се погледне во внатрешноста, без да се уништи мумијата.

Друг музеј сега ги побара услугите на Audi, со цел преку тридимензионална реконструкција да се изработи реплика од пластика, верна на оригиналот. Во споредба со клиничките апарати, компјутерскиот томограф на Audi работи со 50 пати поголема прецизност. Audi ја користи технологијата веќе 10 години заради проверка на квалитетот, на пример, на заварените споеви. На тој начин се подигнува квалитетот на секој нов модел на марката и се заштедуваат пари и време. Експертите на Audi секојдневно скенираат најразлични предмети, од најситна завртка до комплетни каросерии на знаменосецот Audi A8.

















