Петстотини бегалци во следните девет недели ќе добијат практична обука во погоните и претпријатијата во групацијата BMW во Германија, по што ќе им се издаде сертификат за квалификација. Потоа, бегалците ќе можат да аплицираат за вработување во земјата.
Во соработка со сојузната агенција за вработување, групацијата BMW ја започна деветнеделната програма за практична обука за квалификувани бегалци. Проектот стартува со обука на 40 бегалци во погоните во Минхен, за од следната година тој да се прошири и во останатите фабрики на групацијата BMW. Бегалците помлади од 25 години добиваат можност за шестмесечна почетна квалификација за работници во производство. Целта е вкупно 500 бегалци да добијат практична обука и почетна квалификација.

Програмата се состои од две фази. За време на тринеделната фаза на ориентација и шестнеделната практична обука, учесниците ќе бидат придружувани од вработените во BMW. Шест часови дневно, бегалците ќе се запознаваат со работните процеси во развојот, продажбата, финансиите, продукцијата и во информатичката технологија. Следува и секојдневен јазичен курс и тренинг за стекнување меѓукултурни и социјални квалификации. На бегалците им следува и оброк, како и допонителни квалификации, како компјутерски курсеви. По деветнеделната обука, бегалците ќе добијат сертификат за стекнатата квалификација.
Во групацијата BMW работат вкупно 121.000 лица, од кои 86.000 лица се во Германија. Само во германските фабрики се вработени лица од 108 националности.
















