Alfa Romeo ќе го одложи стартот на Giulia за половина година

Двата клучни модела на Alfa Romeo ќе стартуваат со продажба подоцна од планираното, поради големите проблеми со кои се соочува италијанско-американскиот концерн Fiat Chrysler.

Од добавувачите на компоненти за новата Alfa Romeo Giulia излезе информацијата дека важниот модел за враќањето на италијанската марка во големата автомобилска лига ќе задоцни со продажниот старт најмалку половина година и место во средината на 2016, ќе стартува најрано кон завршетокот на годината. Првиот спортски теренец на Alfa Romeo, кој ја користи платформата од Giulia, исто така нема да се појави пред пролетта во 2017 година, што значи дека и тој ќе доцни девет месеци.

Одложувањето е предизвикано со дополнителните оптимирања што мора да се извршат во безбедноста и во возните својства на спортската лимузина што требаше да ја врати славата на Alfa Romeo. Првично, конкурентот на Audi A4 и Mercedes C-Class требаше да стартува веќе во март 2016.

Маркијоне очекуваше 20 проценти од планираните 400.000 примероци да се продаваат во Кина

Шефот на концернот Fiat Chrysler, пред околу една седмица, изјави дека претстои ревизија на планот за глобална експанзија на Alfa Romeo, првенствено поради забавувањето на кинескиот пазар. Инвестицијата од 5 милијарди евра за развој и комерцијализација на осум нови модели на Alfa Romeo, со цел миланската марка да достигне годишна продажба од 400.000 примероци, според Маркијоне, сепак ќе биде реализирана најдоцна до 2020 година. Меѓу осумте нови модели се наследничката на Giulietta, нов модел од високата класа, како и голем и компактен спортски теренец.

Пазарните аналитичари предвидуваат дека Alfa ќе ја зголеми продажбата на 230.000 примероци до 2018 година. Лани марката продаде само 68.000 возила. Од новата Giulia се очекува годишна продажба од 50.000 примероци, додека теренецот ќе достигне 23.000 примероци годишно.

Ревизијата на плановите е дополнително предизвикана и од неочекуваниот пад во продажбата на возила од спортската марка Maserati. Токму огромниот раст на оваа марка му даде надеж на Маркијоне за заживувањето на Alfa Romeo. Продажбата на Maserati во последниот квартал се намали за 22 проценти, на помалку од 7.000 примероци.

Претходна објаваКражбата на Tesla Model S можеби и не е толку паметна идеја
Следна објаваThis Dude Found The Best New Use For The Animojis

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here