Toyota ќе ја прикаже иднината на автомобилите преку трите премиери на 44-от салон во Токио. Овие концептни автомобили ги соединуваат екологијата и безбедноста со уживање во возењето.
Јапонската марка работи сé поинтензивно на враќање на спортските модели што некогаш беа неизоставен дел во нејзината понуда. Концептот Toyota S-FR ќе се појави премиерно на салонот во Токио на крајот на октомври, како купе со четири седишта конструирано во стилот на спортските модели од 1970-те години, лесно, со долга хауба, кабина поместена кон задната оска и широка трага на тркалата. Ниското тежиште и концептот на преден мотор и погон назад се основа за оптимална распределба на тежината, а со тоа и за врвни возни својства и директна повратна информација од подлогата. Согласно на пуристичкиот концепт, целиот ентериер е изведен едноставно, за возачот и возилото полесно да се соединат во функционална целина.

Додека S-FR, полека, но сигурно го најавува идното спортско купе позиционирано под актуелниот GT 86, вториот концепт за Токио зачекорува повеќе во дизајнерските и инженерски екстреми. Автомобилчето Kikai e долго 3,40 метри, дизајнирано е во стил на американски хотрод и ја става на видело техниката што обично е сокриена под ламарината. На тој начин, моторот и елементите од подвозјето стануваат дел од екстериерот, исто како и резервоарот, издувните цевки, па дури и инструментите.
Трите седишта се наместени во триаголник, со голема просторна слобода за возачот на неговото средишно поставено седиште. Дизајнерите на Toyota не оставиле ниту едно подрачје „неиновирано“. Покрај тоа што возачот и патниците можат да се чувствуваат како да се дел од средината, со големиот и исправен ветробран и исто така големите странични прозорци, дополнителни прозорци се вградени и над подот, за да се гледа вртењето на гумите и работата на водењето на тркалата. Секако дека Kikai ова е добредојдено освежување од Toyota, за во нашето дигитално време да се потсетиме на комплексната убавина на механиката во автомобилите.

Последната премиера на Toyota на салонот на домашна територија е FCV Plus, со погон на водород, како нова главна „занимација“ на инженерите на марката. Резервоарот за водород е вграден зад задното седиште и ја напојува горивната ќелија што е вградена меѓу предните тркала.
Струјата што се добива при реакцијата на водородот со атмосферскиот кислород во горивната ќелија се користи за напојување на четирите електромотори што се вградени во самите тркала. Единствената емисија од овој погон е чиста вода. Футуристичкиот дизајн во форма на капка ја нагласува напредната водородна техника и воедно укажува на поголемата слобода при конципирањето на каросериската структура што произлегува од новата техника. Заштитната рамка што е незабележливо интегрирана во каросеријата ја намалува тежината на возилото и поседува исклучителна цврстина.

Водороден автомобил за напојување на домот со струја
Водородниот FCV Plus долг 3,80 метри, покрај тоа што е заштитник на животната средина, може да се користи и како извор на струја. Возилото може да ја користи својата техника со горивна ќелија за водородот од надворешен резервоар да го претвора во струја, која понатаму ќе се користи за напојување на домот, или пак, како помошен агрегат за струја, на пример, во случај на природна катастрофа. Toyota на тој начин продолжува да ни ги открива предностите што водородот може да ги понуди на цивилизацијата, како замена за сегашната зависност на светот од нафтата.
Заедно со трите концепти, јапонска премиера ќе има и кросоверот C-HR, нам познат од салонот во Франкфурт, исто како и новата генерација на хибридот Prius. Сериската верзија на кросоверот со унареден хибриден погон е најавена за салонот во Женева, за догодина во март. Toyota ќе го прикаже и новото рели возило со кое што марката ќе се врати во светското рели во 2017 година. На штандот ќе се појави и Land Cruiser подготвен специјално за Toyota Discovery Tour.
Мини издание на роботскиот астронаут Kirobo
Како сите овие новитети да не се доволни, па Toyota подготви за салонот уште едно изненадување. Kirobo Mini е минијатурно издание на роботскиот астронаут Kirobo, кој привлече огромно внимание со неговите пораки од вселенската станица ISS. Функцијата на овој мини-робот од 10 сантиметри е постојано да го придружува сопственикот и да комуницира со него, забавувајќи го со гестикулациите и со изразите.
















