Експериментот заврши, купувачите не покажаа толкав интерес за купе и родстер моделите колку што очекуваа во Mini. Поради тоа, овие два модела нема да добијат наследник.
Фантастичниот пазарен успех на Mini ги поведе стратезите на „мини-марката“ на BMW во последните години постојано да ја прошируваат понудата со нови моделски варијанти. Но, слабиот интерес на пазарот за купето и родстерот во понудата на Mini покажа дека некаде сепак мора да постои граница. Продажбата на овие два модела беше под очекувањата и Mini Coupe и Mini Roadster нема да добијат наследници.
Британската култна марка во иднина ќе се ограничи на пет модели. Покрај верзиите на Mini со три и со пет врати, како и штотуку стартуваниот Mini Clubman, моделското семејство ќе го докомплетираат кросоверот Countryman и Mini Cabrio, чијшто наследник се очекува да биде претставен в година. Со последниот Mini Clubman, пораснат за 30 сантиметри во споредба со претходникот, марката за првпат зачекори и во компакт сегментот. Купе-изведбата на кросоверот, под моделското име Paceman, исто така нема да се нуди во новата генерација на модели.
















