Фотографии од новиот Renault Megane премиерно на италијански блог

Renault имаше убав план да ја зачува тајноста на новиот Megane до салонот во Франкфурт. Но, планот се изјалови. Фабрички фотографии со конечниот изглед се појавија на еден популарен блог.

Италијанскиот блог carpassion.it го расипа убавиот план што го имаше скроено маркетиншката машинерија на Renault. Изгледот на новата генерација на Megane требаше да биде едно од големите изненадувања на салонот во Франкфурт за десетина денови, но се случи вештите италијански блогери да пронајдат канали и да ги обезбедат премиерните фабрички фотографии од стратешки битниот модел на Renault пред сите други.

Новиот Megane ќе има една од највпечатливите појави во компакт класата

Тоа што го откриваат фотографиите не е ништо друго освен спектакуларна најава за жешката битка што претстои во компакт класата, каде што досега доминираа VW Golf и Ford Focus. Францускиот конкурент и „голф-копија“, Peugeot 308, исто така постигна извесен напредок во продажбата, првенствено поради отсуството на силен контрамодел од Renault. За волја на вистината, последниот фејслифт на Megane пред три години не промени многу во неговите пазарни шанси. Во услови кога пристига и нова Opel Astra – за која што купувачите наскоро ќе одговорат дали таа е најголемото разочарување на марката со молња во маската – Французите го погодија совршениот момент да го претстават својот свеж модел во компакт класата.

Renault Megane 28735902509860Дизајнот несомнено ќе биде еден од главните аргументи што ќе привлекуваат купувачи во салоните на Renault. Новиот Megane верно го следи и го надградува актуелниот дизајнерски говор на сé подобриот Лоренс ван дер Акер, со кулминација во последната генерација на Espace и особено во идниот знаменосец Talisman. Дневните светла во форма на „C“ и тука се впечатлив детал во дизајнот, заедно со маска што конечно оддава моќ и самоувереност. По должината на хаубата се изведени рабови, исто така заради нагласок на моќта.

Големиот таблет доминира во средишната конзола

Во кокпитот се препознава силното влијание на големиот таблет поставен вертикално речиси по целата должина на средишната конзола. Со префрлувањето на повеќето функции во таблетот, кокпитот е пречистен од вишокот прекинувачи и контроли, што во основа би требало да ги подобри прегледноста и функционалноста, но во секој случај внесува свежина во унифицираната работна средина во моделите во класата.

По изработката на деталите се забележува дека Французите внимавале и на квалитетот на возилото. На фотографиите со врвниот спортски модел GT од стандардната понуда се забележува и проекциски диплеј, менувач со двојна спојка со команди на волан, како и контроли за активното подвозје, со можност за бирање спортска, комфорна или штедлива програма. Дел од иновациите ќе пристигнат и од кросоверот Espace. Детали околу погонската техника уште недостигаат, но се очекува дека интересот тука најмногу ќе го привлечат новите 1.2 TCe со 130 КС и 1,6-литарскиот TCe со 200 КС. Дали понудата ќе го вклучува и турбобензинецот од 0,9 литар со три цилиндри ќе се знае дури на салонот.

Претходна објаваRenault на салонот во Франкфурт: Студија на пикап Alaskan
Следна објаваDaimler и Renault градат заедничка фабрика во Мексико

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here