Утре е значаен ден за Ford во Германија. На 18-ти август 1925, Ford Motor Company официјално е впишана во германскиот трговски регистар. Гигантот од Америка стартуваше во Берлин со само 37 вработени.
Автомобилската бранша утре има голем ден за одбележување. На 18-ти август, односно пред точно 90 години, Ford Motor Company стартува со работа во Берлин. На тој датум, автомобилскиот гигант од другата страна на океанот е официјално впишан во трговскиот регистар во Германија. Во почетокот, во Берлин работат само 37 лица. Работата почнува да зема поголем замав дури откако биле отстранети увозните ограничувања и бил олеснет увозот на автомобилски делови. Монтажата на возила тогаш не се одвивала, како денес, во Келн, туку во Берлин.
Монтажата на возилата на Ford во почетокот се одвива во Берлин
На 2-ри јануари 1926, изнајмени се складови во западниот дел од берлинското пристаниште, за три месеци подоцна, на 8-ми април 1926, од погоните да излезе првиот Ford Model T од германска продукција. Во времето додека е активен во Берлин, Ford врши монтажа на околу 37.000 возила. По кус период, Ford решава да започне сопствено производство во Германија, исто како претходно, во Велика Британија. Капацитетот во Берлин станува премногу мал и се бараат нови, поголеми локации. Во игра се Франкфурт на Мајна и Нојс, но и Келн. Важен критериум за изборот е новата производствена локација да има директно поврзување по воден пат. Покрај тоа, фабриката треба да биде лоцирана централно на територијата на Европа. На крајот, изборот паѓа на Келн. Оттогаш, во градот на Рајна е лоцирана централата на Ford во Германија, а од 1998 година и седиштето на управата на Ford Europe.

Во новите производствени хали се инвестираат дванаесет милиони „рајхсмарк“. Фабриката покрива површина од 33.000 метри квадратни. На поставувањето на темелите на 2-ри октомври 1930, покрај тогашниот градоначалник и подоцнежен канцелар Конрад Аденауер, присуствува и самиот Хенри Форд. „I know that the German people will make a good job of it” – така легендарниот автомобилски пионер ја искажал довербата во Германците.
Фабриката во Келн официјално е отворена со голема свеченост на 1-ви јуни 1931. Во производството на тогашниот Model A се ангажирани 619 лица. Во првата година се произведуваат преку 6.000 возила. Пред да започне втората светска војна, во производство легува и Ford V8, на Model B, Eifel и Taunus, од кои последниов ќе продолжи да остава силен печат и по војната. Ознаката Taunus 12 M, 15 M, 17 M, 20 M и 26 M ја означува работната зафатнина на моторите, додека „М“ е за „Мајстерштук“, односно за модел од врвна изработка. Следуваат познатите имиња Capri, Granada, Consul и Scorpio.
По Келн следува новата фабрика на Ford во Сарлуис
Ново поглавје во историјата на Ford во Германија започнува на 16-ти јануари 1970. Во Сарлуис стартува втората фабрика на Ford во земјата, каде што се изработува Ford Escort. Во почетокот продукцијата изнесува 50 возила дневно. Официјалното одбележување на стартот на фабриката следува на 11-ти јуни 1970, со потписот на Хенри Форд Втори, внук на основачот на компанијата. Продукцијата за кус период достигнува 600 возила дневно.

Денес само во фабриката во Келн, матичната локација на бестселерот Ford Fiesta, дневно се произведуваат 1.850 возила. Од почетокот на работата во јуни 1931, тука се произведени преку 16 милиони автомобили, од кои преку 7,8 милиони се од моделот Fiesta. Освен производство на возила, во Келн-Нил се врши и производство на мотори и менувачи, додека во Келн-Меркених се наоѓа дистрибутивниот центар за делови за територијата на Европа, како и развојниот центар Џон Ендрјуз. Во овој центар се развиваат и дизајнираат сите модели на Ford од помалите и од средната класа.
Сарлуис е матична европска локација за Ford Focus и C-Max/Grand C-Max. Фабриката е прочуена по високиот степен на флексибилност. На една производствена линија се изработуваат лимузинската и комби изведбата на Focus, како и спортскиот Ford Focus ST, електричната верзија на Focus и сите модели од C-Max и Grand C-Max. Вкупно 1.650 возила дневно. Од 1970 година преку 13,5 милиони возила ја напуштиле фабриката во Сарлуис, односно за овие 90 години, Ford произвел преку 30 милиони автомобили во Германија. Во моментов, за марката со синиот овал во Германија работат повеќе од 25.000 лица.
Во 1994 година следува и третата локација во Германија, којашто е од светско значење за марката. Во Ахен стартува со работа единствениот развоен центар на Ford надвор од САД. Во европскиот центар за истражување и иновации на Ford (RIC) моментно работат 300 инженери и научници. Ахен е светски центар за развој на дизел мотори, енергетски менаџмент, како и за технологии за возна динамика и за подвозје.
















