Škoda е на првото место во издржливоста на своите возила според истражувањето спроведено меѓу британските сопственици на автомобили. Изненадува и пласманот на уште неколку марки.
Реномираниот институт JD Power во последните 12 месеци спроведуваше истражување меѓу сопствениците на автомобили стари меѓу една и 3 години во Британија. Во истражувањето беа опфатени 177 клучни позиции во осум категории: Мотор и менувач, каросерија, возни својства, функционалност, мулдимедиски системи, седишта, климатизација и кабина.
Од искуствата на сопствениците се пресметуваше индексот на издржливост. Најдобар резултат, со најмалку проблеми регистрирани на секои сто возила во истражувањето, покажа Škoda, со индекс на издржливост од 77 PP100, односно со 77 проблеми пријавени на секои сто возила. Kia е на второто место со индекс 83, пред Suzuki со 86, Nissan со 87 и Toyota и Mercedes со индекс 88. Просекот од сите возила во истражувањето изнесува 114 PP100, односно сопствениците во просек пријавувале по 114 проблеми на секои 100 возила. Mercedes и Volvo, кој е на шестото место со 93 PP100, се единствени марки од премиум сегментот што постигнуваат вредноста на индексот над просекот од сите возила.

Купувачите се чувствителни на проблемите при користењето на преносни уреди во возилата
Пет од единаесетте најголеми проблеми се пријавувале во категоријата на мултимедиски системи и поврзување со преносни уреди. Како што наведуваат од институтот JD Power, „купувачите бараат технологија во нивните возила и нивните очекувања од напредните технолошки достигнувања бележат растечки тренд.“ Купувачите стануваат сé почувствителни кога станува збор за поврзувањето со мобилните телефони и другите преносни уреди, како и со функционалноста на овие уреди во автомобилите, па при проблеми во оваа категорија се разочаруваат од нивните возила.
Ова разочарување влијае врз лојалноста на клиентите. Според студијата, само 33 проценти од сопствениците што имале три или повеќе проблеми при поврзувањето и користењето на преносните уреди, повторно би се решиле за истата марка при купувањето на следниот автомобил, наспроти 48 проценти од сопствениците што не пријавиле проблеми во ова подрачје.
Mercedes има два модела пласирани на првото место во својата класа, со E-Class и C-Class. Победници во своите класи се и компактот Kia Ceed, градскиот автомобил Suzuki Alto, мини-кросоверот Nissan Juke и малечкиот Honda Jazz. Победничката марка Škoda нема победник во ниту една класа, но затоа нејзините модели секогаш постигнуваат резултати над просекот во класата.
Главните заклучоци во истражувањето
- Најмногу проблеми се пријавуваат во каросеријата (19 PP100), во функционалноста и ракувањето (17 PP100) и во кабината (17 PP100).
- Просекот меѓу премиум марките изнесува 155 PP100, што е за 52 единици подобро од просекот од 103 PP100 што го постигнуваат големосериските марки. Најголеми разлики меѓу моделите од премиум и од големосерискиот сегмент се појавуваат во функционалноста, со 15 наспроти 26 проблеми на секои 100 возила, како и во ентериерот (15 PP100 наспроти 24 PP100).
- Сопствениците на возила даваат оцена и за сериозноста на секој проблем што го имале со своите возила. Седум од десет најсериозни проблеми се во категоријата мотор и менувач, додека два од десет се во возните својства. Од возачите што имале најмногу проблеми во овие подрачја, само 60 до 70 проценти го однеле своето возило во сервисна работилница за решавање на проблемот.
- Од возачите што имаат забелешки со потрошувачката на гориво, само 22 проценти потврдиле дека со сигурност би купиле автомобил од истата марка следниот пат, во споредба со 43 проценти од возачите што немаат забелешки за потрошувачката на нивниот автомобил.
- Сопствениците на возила од премиум марките се најзадоволни со каросеријата (794 од 1000) и возните својства (784), додека најмало задоволство има во поглед на штедливоста (719) и практичноста (739). Кај големосериските марки, најголемо задоволство има кај каросеријата (735) и прегледноста и безбедноста (731), додека најниско задоволство е регистрирано во мултимедиските системи и поврзувањето со преносни уреди (690).
Во истражувањето учествуваа 13.451 сопственик на возило купено во периодот меѓу април 2012 и март 2014.
















