Специјална верзија на Ford Focus RS со ексклузивен дизајн од легендарната симулација Forza ќе биде претставена премиерно на саемот на компјутерски игри во Келн. Премиерата ќе ја одржи Стиг, тркачката ѕвезда од шоуто Top Gear.
Фановите на Ford Focus RS имаат причина да внимаваат на утрешното отворање на Gamescom 2015 во Келн, најголемиот саем за компјутерски игри во светот. Ford ќе одржи премиера на специјално изработен Ford Focus RS во стил на ултрапопуларната тркачка симулација Forza Motorsport. Автомобилот ќе биде прикажан ексклузивно на посебен настан во рамките на саемот. Тркачката ѕвезда Стиг од шоуто Top Gear лично ќе седи зад воланот на Ford Focus RS, во чест на промоцијата на самото возило, но и на новата симулација Forza Motorsport 6, конципирана за Microsoft Xbox.
Новиот Ford Focus RS е трета генерација од екстремната серија на Focus RS којашто стартуваше во 2002 година. За динамиката на брзиот компакт се грижи 2,3-литарски мотор EcoBoost со преку 350 КС, заедно со иновативен погон на сите тркала, за прв пат во историјата на овој модел. Новиот Focus е воедно прв модел од серијата RS со можност за избирање на повеќе модуси на погонот и на подвозјето, вклучувајќи „дрифт“ и „launch control“. Производството стартува кон крајот на годинава, во фабриката во Сарлуис.
Посетителите на саемот ќе можат да го видат во живо и новиот Ford GT, кој е насловна ѕвезда на Forza Motorsport 6.
















