за ,

Овој Range Rover се вози преку мобилен телефон

Техничарите на Jaguar Land Rover развиваат нова технологија којашто овозможува возачот далечински да управува со возилото преку апликација за паметен телефон. Меѓу другото.

Британската компанија во индиска сопственост откри неколку од идните технологии за самостојно управување со возилата. Прототипот на Range Rover Sport со далечинска контрола овозможува возачот да управува со возилото преку својот паметен телефон. Преку апликацијата на телефонот се контролира управувањето, гасот и сопирачките, а дополнително може да се вклучува и редукцијата во преносот. На тој начин, возачот може да чекори покрај автомобилот и безбедно да маневрира со него во опасни ситуации, односно да совладува потешки пасажи по теренот.

Една од можностите е извлекување на возилото од тесен паркинг
Една од можностите е извлекување на возилото од тесен паркинг

Паметниот телефон може да се користи и за извлекување на возилото од паркинг, доколку покрај него е преблиску паркирано друго возило и оневозможува отворање на вратата. Чекорејќи покрај возилото, возачот постојано ги следи аголот на пристап и на заминување, како и аголот на рампа меѓу возилото и теренот, овозможувајќи на тој начин прецизно позиционирање на возилото по пречките на теренот. Новата технологија е од голема помош и при минување преку река или лизгави пасажи покриени со кал или снег.

Далечинската контрола дејствува на растојание до 10 метри, авторизирајќи го пристапот преку клучот од возилото. Доколку возилото излезе од досег или возачот се приближи премногу, системот самостојно запира. Меѓу можните примени на системот спаѓа и самостојно управување преку пречка на теренот откако возачот ќе внесе едноставна команда во мобилната апликација или самостојно излегување од паркинг.

Возилото самостојно врши полукружно свртување место да се мачи возачот

Прототипот на Jaguar Land Rover може самостојно да изведе и вртење за 180 степени, кога возачот ќе се најде во слепа улица или на преполн паркинг, изведувајќи го маневарот со завртување на возилото во три потези што дел од возачите го доживуваат како мачно. За снаоѓање во просторот и избегнување пешаци, други возила или предмети, системот користи сензори и ја презема контролата со менувачот, управувањето, сопирањето и забрзувањето, за маневарот на вртење за 180 степени да се изведе во најмалку потези.

http://youtu.be/QjJ2wKCMq5w

Истражувачкиот тим на Jaguar Land Rover работи и на систем што ја скенира средината околу возилото и го информира возачот дали е безбедно за изведување на таков маневар. Откако возачот ќе го потврди маневарот, возилото потоа ја презема целата постапка.

Возилото располага со оваа функционалност користејќи сензори и радари, камери и ултразвучна техника. Сите овие одделни системи се неопходни за возилото да може самостојно да функционира во реалниот свет и да ноди безбедни и прецизни одлуки. Техничарите, инаку, на возилото му го дадоа прекарот „Соло-Кар“.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Jaguar XJ во одбрана од новата серија 7 на BMW

Техника на Samsung ги прави камионите проѕирни