Кога тој ќе се појави, дури и солидните теренски возила како Mitsubishi Pajero изгледаат здодевно. Пикапот L200 е како играчка за возрасни, но играчка со голема корисна вредност.
Пазарот на пикапи не постигнува огромни продажби, но производителите во последниве години се раздвижени како никогаш досега во овој сегмент. Не постои поголем и повлијателен производител што не подготвува камионет во класата со носивост до еден тон. Ford и Volkswagen стартуваа солидно со Ranger и Amarok, наскоро ќе следуваат Fiat и Renault, а до крајот на деценијата дури и Mercedes ќе нуди камионет за каубојците од новото време. Јапонските марки се главните играчи во овој пазарен сегмент и нормално е што веќе го вклучуваат алармот, подготвувајќи се за соодветна одбрана. Додека лидерот на европскиот пазар Toyota стартува со продажбата на новиот Hilux, за потоа да се приклучи и конкурентот Nissan со новата генерација на Navara, Mitsubishi веќе е готов за борба и го пушта новиот L200 во продажба.
Кога петтата генерација на камионетот на Mitsubishi ќе стартува со продажба кон крајот на септември, L200 ќе го видиме со робусен надворешен изглед и со помоќна става отколку досега. Пикапот порасна по неколку милиметри во секој правец, а во развојот на каросеријата се внимавало и на аеродинамиката. Внатрешноста исто така оддава поквалитетен впечаток и повеќе се ориентира според теренските автомобили отколку според доставните возила.
Пикапот созреа до ниво блиску до Pajero, тој е Pajero за практичари
Впечатокот е како да станува збор за Pajero за практичари. Кабината порасна во ширина и во слободниот простор над глава, а амбиентот го создаваат лакирани украсни панели и кожени седишта и детали. Површините на таблата овојпат имаат мал слој мек полиуретан озгора, а списокот на дополнителна опрема не брои само комплет од седум воздушни перници и двозонска автоматска клима, туку и ставки како помош за следење лента, па дури и камера за рикверц. Според најавите од Јапонците, седиштата исто така нудат повеќе комфор отколку досега, за подолгите патувања да не се претвораат во измачување.
Недвојбено е дека Mitsubishi го приближи комфорот во L200 до патничките лимузини, но и во ова цивилно издание, тој останува работна сила во којашто главниот интерес е ставен на практичноста и ефикасноста. Од тие причини, товарната површина е поголема за неколку милиметри и носивоста е зголемена на 3,1 тон, но се вградува и нов мотор. Дизелот од 2,4 литри се нуди во верзии со 154 или 181 КС. Во комбинација со тежина намалена за 50 килограми, со примена на челик со висока цврстина и одземање на секаков вишок тежина, новиот Mitsubishi L200 троши до 1,1 литар гориво помалку од претходникот – имајќи во предвид дека се работи за возило со постојан погон на сите тркала. Според тоа, новиот L200 троши меѓу 6,4 и 7,2 литри, место меѓу 7,7 и 8,8 литри, зависно од конфигурацијата на возилото.
Најмал круг на вртење во класата
Покрај конструкцијата со носечка рамка, крути оски и листести пружини и натаму не може, а и не смее да се очекува комфор како во лимузина, но токму оттаму произлегуваат големите транспортерски капацитети на L200. Во класата не постои конкурент со помал круг на вртење, што е голем плус за автомобилот, исто како и моторот со вртежен момент од 430 њутнметри во посилната верзија. Со малку трпение може да се дочека и крајната брзина од 180 km/h.
Со освежен дизајн, облагороден ентериер и нов мотор, во комбинација со нов мануелен менувач и усовршен автоматски менувач, L200 за Јапонците е толку нов што тие воопшто не го водат само како нова генерација на моделот, туку како почеток на нова ера. Единствено не е објавена цената на новиот модел, но и тоа е еден од силните домени на јапонската марка.
















