Нови мотори, современи мултимедиски системи и повеќе техника треба да ја задржат свежината на Seat Ibiza. Фејслифтот главно се темели на промените што претходно ги претрпе Volkswagen Polo.
Seat Ibiza веќе имаше еден фејслифт во 2012 година, којшто главно се однесуваше на дизајнот на возилото, а сега следува и вториот фејслифт, кадешто акцентот е поставен повеќе на техниката. Шпанците најавуваат и поскапување, откако освежената моделска генерација ќе стартува со продажба во текот на летото. Промени во надворешниот дизајн се случија во предните светла и во бандажите. Во внатрешноста има нов волан, неколку промени во арматурната табла и нови бои на материјалите. По пример на конкуренцијата, на купувачите што сакаат да внесат личен печат во своето возило им се нуди можност да доплатат за двобојни бандажи или за живи бои на седиштата. Во списокот на дополнителна опрема се додадени нов мултимедиски систем со интеграција со паметни телефони, подвозје со приспособливи амортизери и неколку нови безбедносни системи.
Со новиот мотор поскапува и основната верзија на Ibiza
Најзначајната промена е под хаубата. На местото на стариот 1,2-литарски бензинец сега работи еднолитарскиот мотор со три цилиндри од Volkswagen Polo, со моќност од 75 КС. Замина и стариот 1,4-литарец, на чиешто место дојде 1,2-литарски TSI со турбонатполнење и 90 КС. Понудата од бензински мотори подоцна ќе биде дополнета со 1,4-литарски TSI со 150 КС и исклучување на дел од цилиндрите при мало оптоварување на моторот. Понудата од дизели ја сочинуваат трите верзии на новиот 1,4-литарски TDI со 75, 90 и 105 КС.
Последново освежување треба да издржи уште две години, до претставувањето на комплетно новата генерација на Ibiza. Тогаш ќе стартува и новото Polo. Обата модела ќе бидат конструирани врз новата модуларна платформа на концернот, којашто од триото Polo/Ibiza/Fabia во моментов ја користи единствено чешкиот модел.
















